Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека иако се ретки, сепак се јавуваат тримботични реакции по примање на првата доза од вакцината, и кај нас е регистриран првиот случај.
„Станува збор за тромботична реакција како резултат на вакцината од „АстраЗенека“ кај помлади луѓе, тоа е всушност една реакција на тромбоцитите после што се создаваат мали згрутчоци во крвта. Станува збор за исклучително мал број на случаи, некаде од 1 на 120.000 до 1 на 1.000.000, но повторно ќе кажам, иако се ретки, ние сакаме да бидеме многу претпазливи. Имајќи предвид дека еден дел од граѓаните се вакцинираше минатиов период во Србија, сакам да кажам дека засега нема никакви препораки дека нешто превентивно треба да се прави ако некој ја примил првата доза на „АстраЗенека“. Станува збор за многу ретки случаи. Кај нас има досега регистрирано еден случај на девојка која што има 28 години и таа од вчера се наоѓа на болничко лекување со таков тромботичен ефект кој што се поврзува со примена една доза на „АстраЗенека“. Вакцината ја примила во Србија“, нагласи министерот.