Ристо Дамјановски – првиот министер за одбрана на Македонија почина од ковид-19

Facebook
Twitter
Email
Print

Професор доктор Ристо Дамјановски, генерал-мајор во пензија, по кратко боледување, на 83-годишна возраст ја загуби битката со коронавирусот, информираат од Генералштабот на Армијата.

Роден е на 05 Мај 1937 г. во с. Доленци, Демир Хисар. Заврши највисок степен на воено образование во Белград, а на Универзитетот во Скопје докторира и стана прв доктор на воено-историски науки.

Во текот на неговата воена кариера до неговото пензионирање во 1994 година, генерал-мајор Дамјановски, кој ја имаше и титулата професор доктор на воено-историските науки, има извршувано повеќе највисоки воени, наставни, политичко -партиски и општествени функции.

Беше член на Извршниот совет и на Републичкиот секретаријат за општонародна одбрана и министер за одбрана во првата експертска влада во периодот 1991-1992 година. По одредени несогласувања Дамјановски си поднесе оставка и него го наследи првиот цивилен министер за одбрана Трајан Гоцевски. Оттогаш на чело на Министерството за одбрана е цивил.

Во текот на својата воена кариера како потврда за неговата професионалност во службата добивал повеќе признанија, пофалби и други стимулативни мерки.

Меѓу другото, добитник е на наградата „4 Ноември“, највисокото општествено признание за значајни остварувања во општествено-политичкиот живот и посебен придонес за развојот на општина Битола и државата, а одликуван е и со орден на Народната армија со златен венец, Орден на трудот со златен венец, орден за воени заслуги со златни мечеви и многу други.

Автор е на книгата „Востаната Македонија“ во 2001 година, а објавил и над 50 научно-стручни трудови во рамките на двата универзитета на кои бил професор, Друштвото за наука од Битола, Институтот за национална историја, МАНУ како и поголем број колумни со воено-политички, историски и други содржини, објавени во низа стручни списанија и во дневниот печат.

Во пензионерските години генералот Дамјановски остана активен придонесувач во полето на одбраната и беше член на здружението „Клуб на генералите“.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи