Нацрт закон за игри на среќа: Обложувалниците на оддалеченост на 500 метри од училиштата и ќе плаќаат поскапи лиценци

 

Измените на законот за приредување игри на среќа се објавени на Електронскиот национален регистар на прописи, според кој приредувачите ќе плаќаат поскапи лиценци, а ќе треба да ги оддалечат своите деловни простории, односно уплатно-исплатни места на 500 метри од најкраткиот пат до училиштата.

Во членот 21 се додава дека „Деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, томбола од затворен тип и електронски игри на среќа се отвораат на оддалеченост од 500 метри од основни и средни училишта, до кои се доаѓа по најкраткиот безбеден пат“. Приредувачот ќе треба да има и документ со кој се докажува оддалеченоста на деловната просторија, не постар од 6 месеци од денот на неговото издавање;

За добивање лиценца за обложувалница ќе се плаќа 125.000 евра, наместо 105.000 евра. За отворање на уплатните места редовно ќе се плаќа само ако се отворат најмногу 25 такви, а за секоја наредна приредувачот ќе треба да размисли, бидејќи од старт ќе плаќа по 5.000 евра. Слични критериуми има и за автомат-клубовите.

За приредување на електронските игри на среќа, приредувачот на игрите плаќа надоместок во износ од 70 евра месечно по терминал, наместо по 30. За приредување на лотариските игри на среќа на државата ќе и се плаќа 6, наместо 4 отсто, од приходите од вкупно остварените уплати, односно средства прибрани преку продажба на лозови.

Лиценца за приредување на интернет игри на среќа може да се добие само ако операторот има основна главнина од 500.000 евра, наместо само 40.000 евра како што е актуелниот услов.

Според она што го најавува регистарот на прописи, законските измени треба да влезат во Владата до 30 јуни, а претходно ќе има консултации и со Министерството за информатичко општество и администрација.

Почетокот на процесот на изработка на законот за измена и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри наиде на остри осуди кај самите приредувачи, Од таму сметаат дека со овој закон ќе згасне индустрија која носи прилив од 280 милиони евра во државната каса, овозможува 10.000 работни места, односно 70.000 индиректно вработени.

Од друга страна, сметаат тие, дека тоа би значело цветање на црниот пазар и сивата економија. Воведувањето на какво било минимално растојание, според нив,  е невозможно и неизводливо на терен, поради фактот дека во помалите градови на државата не можат да се пронајдат деловни простории на таа оддалеченост од училиштата.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи