Во тек е масовната имунизација на населението. Тоа е клучната алатка за ставање конечен крај на пандемијата со вирусот Ковид-19 и враќање во нормалните токови на секојдневно живеење и функционирање. Вакцинацијата во нашата општина се одвива во пунктот на Здравствениот дом Прилеп, каде се пристигнати 1.100 вакцини и каде до денеска се вакцинирани 500 наши сограѓани, сите над 75 годишна возраст. Напиша на својот ФБ профил градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.
„Вакцинирањето се одвива преку системот „Мој термин“, односно со закажување на термин од страна на матичните лекари, а реализацијата на досега закажаните термини се движи околу 80 отсто.
Во тек е и вакцинацијата во домашни услови за сите оние возрасни граѓани кои изразиле интерес за примање на вакцината против коронавирусот, а не се здравствено способни да пристигнат за вакцинација во вакциналниот пункт.
Покрај вакцинацијата на повозрасните граѓани во Здравствениот дом Прилеп, во вакциналните пунктови во Скопје, од нашиот град вакцинирани се здравствени работници, дел од воспитувачките и негувателките во градинките, дел од наставниот кадар од прво до трето одделение во основните училишта, припадници на МВР и Армијата.
Во периодот кој следува, бројот на достапни вакцини ќе се зголемува. Затоа, испраќам апел до граѓаните да се пријавуваат за вакцинација. Тоа е единствениот начин со кој ќе и’ ставиме крај на пандемијата со вирусот Ковид-19“, пишува градоначалникот Јованоски.