Визија за Прилеп

Facebook
Twitter
Email
Print


Се прашувате, дали писаниево е дел од некој политички памфлет напишан пред избори, или пак е уште една идеалистичка брошура? – Ќе морам некого да разочарам, а некого да поттикнам на размислување со него. Имено, одамна веќе градските власти во Општина Прилеп не се интересираат за основните потреби за безбедност во урбаното живеење, во сообраќајот, за некои други „потреби“ (освен материјалните) и за разубавување на градското јадро и градската периферија. Централната сообраќајница на Прилеп се состои од еден булевар, кој, освен за коли, од лани е веќе проширен и угоден за шетање на луѓето, на кои веќе им изгледа како некоја авенија (со поткастрени дрвја) во Америка. Проблемот што се „реши“ со отфрлање на паркинг- местата долж булеварот, а немањето алтернативни паркинг-гаражи со доволен капацитет за луѓето што живеат тука и оние што секојдневно доаѓаат од другите населени места, создаде големи проблеми во текот на сообраќајот во споредните улички во централното подрачје. Секоја споредна, мала уличка е претворена во паркинг. Пред куќите на луѓето што живеат тука се паркира постојано. Но, не е најголем проблем немањето место за својата кола пред својата куќа, туку „загушувањето“ на сообраќајот и големата несигурност за останатите учесници во сообраќајот.  Нерегулираните и несанкционирани, погрешни паркирања водат до сообраќајни несреќи и општа нервозност на возачите, но и пешаците.

Голем дел од централните, но и периферните улици, немаат уреден тротоар за пешаците. Така, за чудо на „светскиот“ урбанизам, во Прилеп прво се решаваат тротоарните поплочувања на периферијата на градот отколку во центарот. Нели треба да биде поинаку? Нели центарот е огледало на градот?

Недостатокот на игралишта за спорт и рекреација на децата и младите луѓе веќе преминува во немарност на општинските власти. Со оглед на тоа што училиштата ги затворија своите игралишта за „намерници“ отстрана, веќе и да не остана уреден и опремен простор каде може да се спортува во ова време-невреме на психолошки притисок и здравствен колапс. Среќа, Прилеп е ограден со високи убави планински венци, па желните за спорт се враќаат назад кон природата. Еднаш, се спомнуваше изградба на покриен базен за пливање на рекреативците и професионалните пливачи, но нема абер дали воопшто и кога ќе се изгради. Оти, во политиката често се користи идно време, со не-плаузибилност (нереалност) во проценката.

Сега малку култура и туризам – да се вратам на мојот фах… До каде е процесот на заштита на Марковите Кули? Со толку вреден споменик на природата и културата, со монолитни мегакарпи извајани од врвниот уметник со неограничено трпение – природата, во фантастичен лик, со еден „Штркот“, со прекрасниот вгнезден манастир „Св. Арх. Михаил“, со средновековната шармантна населба Варош со своите црковни и археолошки бисери од минатото? Гарантирам дека Прилеп може да стане туристичка дестинација од европски и светски калибар само со уредување, санација и туристичко пропагирање на Марковите Кули. Ваква творба со природна убавина и непроценлив човечки удел од вековите не се најдува често во светот. Нека се позанимаваат стручните луѓе од општината и музеите, и да видиме ефект од нивниов ангажман веќе еднаш.  Што можеш сега, не оставај за утре.

Автор: Милан Велески

 

Ставовите изразени во оваа колумна се единствено ставови на авторот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи