Американската вселенска агенција успешно го полета хеликоптерчето „Инџенуити“ на Марс. Беспилотното летало леташе помалку од една минута, но НАСА го слави затоа што ова го претставува првиот управуван, контролиран лет на друга планета.
„Инџинуити“, тежок само 1,8 килограми, пристигна на Марс со роверот „Персеверанс“, кој го сними историскиот момент од далечина од 65 метри. Вреден 85 милиони долари, ова се сметаше за голем ризик, кој сепак се исплатеше.
Тој се задржа во воздух 40-ина секунди на висина од 3 метри и тоа претставуваше голем предизвик, имајќи предвид дека атмосферата на Марс е многу разретчена, само 1% од густината на Земјата. Токму од таа причина, „Инџинуити“ е дизајниран да има мала тежина, а перките мора да се вртат екстремно брзо, 2.500 вртежи во минута, што е пет пати побрзо отколку на Земјата.
„Сега можеме да кажеме дека човечките суштества летале ротокоптер на друга планета. Толку долго зборувавме за нашиот момент ‘браќа Рајт’ на Марс, и еве го“, рече Мими Онг, раководителка на проектот Инџенуити во Лабораторијата за млазен погон на НАСА во Пасадена, алудирајќи на Вилбур и Орвил Рајт, кои го изведоа првиот напојуван, контролиран лет на летало тука на Земјата во 1903 година.