Домашните компании кои произведуваат месо и месни преработки бараат од Владата продолжување на одлуката за ослободување на царините при увоз на суровини за преработка, чија важност завршува на крајот на април годинава. Во спротивно, најавуваат зголемување на цените на месото и на месните преработки после велигденските празници, за 20 до 40%.
Одлуката за ослободување на царините во изминатите 3 години се носеше на секои 6 месеци, односно беше од времен карактер и таа досега даде добри резултати, исто како и владината мерка, ваучерите-купувај домашно. Компаниите од месната индустрија го откупија за преработка целиот вишок на свинско месо од домашните фарми, што овозможи континуирано производство и стабилност со снабденоста на пазарот, па дури и одредени количества за извоз. Поради тоа, мерка треба да продолжи и да премине во трајно законско решение, затоа што ефектите се значајни за домашните компании, посочија од Групацијата за месо и месни преработки, при Стопанската комора на Македонија.
„Доколку не се продолжи важноста одлуката за укинување на царините за суровини за преработка на месо, кои изнесуваат 20 %, односно ако компаниите го плаќаат овој износ за царина, неминовно ќе следи ценовен шок и зголемување на цените на месото и преработките за 20, 30 или 40 %, и тоа уште од следниот месец. Поради укинатите царини во изминатите три години, драстично е намален увозот на месо и преработки, од 13 милиони тони во 2017 година, на 9 милиони тони во 2020, односно увозот се намали за околу 28 отсто годишно“, рече претседателот на Групацијата, Гоце Трајчов.
Тој додаде дека поради ковид пандемијата, има раст и на глобалните цени на суровините за преработка на месо кои се увезуваат, па со враќањето на давачката од 20 % царина, тоа не само што ќе влијае врз крајната домашна цена, туку може да доведе и до ситуација на затворање на некои производни капацитети.
Овие барања досега повеќе пати се доставени до Министерството за економија, но од таму сѐ уште нема конкретен одговор.