Пелагониските сточари денеска најавија протест пред Владата доколку до 1 мај не им бидат исплатени субвенциите за 2020 година.
Се додека со сила ги бараме парите за нашето производство, нема радост во земјоделството и сточарството. Има се помалку млеко и месо во Пелагонија. Продаваме литар чисто млеко за 15 денари, вие пиете јогурт се хемикалии и го плаќате 50 денари.
Ова е реакцијата на сточарите од Пелагонија кои се жалат дека не им се исплатени субвенциите за 2020 година по грло добиток и за литар произведено млеко. Велат добиле ветување од министерот за земјоделство дека од буџетот се обезбедени пари, но се уште не добиле ниту денар, а се соочуваат со големи трошоци за пролетната сеидба.
„Затоа што крајниот рок наближува, а кај нас има големи проблеми, доаѓа сеидба, ѓубривата нагоре, нафтата оди секој ден нагоре, краен рок министерството да преземи мерки да се исплатат барем дел од субвенции“, вели Тони Алчевски, претседател на здружението Пелагониско поле Могила.
„После први ако не бидат исплатени, ќе одиме да блокираме пред Влада. Тие јадат и пијат, а нашите субвенции стојат околу 20 месеци“, вели Борче Бучински.
„Поминаа и сите лаги досега што ги кажуваа , петти месец сме, средбата почна а пари нема. Како да преживееме ние сточарите 365 дена не знам. Треба да се свести владата дека овие луѓе храна произведуваат“, вели Тони Петковски.
Од Министерството за земјоделие велат дека согласно календарот, исплата на субвенциите ќе се изврши најдоцна до крајот на јуни.
Сточарите и лани во октомври најавија протести зашто не им беа платени субвенциите за 2019 година кои доцнеа поради пандемијата и изборите, по што со ребалансот на буџетот им беа исплатени.