35 години од нуклеарната катастрофа во Чернобил


Денес се одбележува 35-годишнина од катастрофата во Чернобил, најтешката нуклеарна несреќа во историјата што погоди голем дел од Европа, пред сѐ Украина, Белорусија и Русија.

На 26 април 1986 година, во 01:23 часот, нуклеарниот реактор бр. 4 во Чернобил, во близина на градот Припјат, околу стотина километри северно од Киев, експлодира за време на безбедносен тест. Нуклеарното гориво гореше десет дена, испуштајќи радиоактивни честички во атмосферата, кои според некои проценки биле расфрлани на три четвртини од површината на Европа.

Иако блискиот град Припјат беше евакуиран следниот ден, два милиони жители на Киев не беа информирани и покрај опасноста. Остатокот од светот дозна за катастрофата дури откако беше откриено зголемено радиоактивно зрачење во Шведска на 28 април, нешто што Советите го криеја се до 14 мај кога советскиот претседател Михаил Горбачов одлучи да се појави во јавноста и да извести за катастрофата.

Скоро 350.000 луѓе беа евакуирани во радиус од 30 километри од централата во текот на неколку години.

Веднаш по експлозијата, околу 30 работници во погоните и пожарникари починаа од радијација. Подоцна, илјадници луѓе починаа од болести поврзани со зрачење, како што е рак. Сè уште има дебата за бројот на човечки жртви по несреќата, а проценките се движат од 30.000 до 100.000 мртви. Електраната испушташе радијација се до 2016 година, кога беше покриена со масивна челична конструкција.

Градот Припјат, кој некогаш имал 50.000 жители, претежно работници, сега е напуштен, а туристите се најмногу заинтересирани за посета на урнатините. Иако нивото на зрачење во зоната е доволно ниско за да можат да го посетат туристите, забранет е постојан престој. Сепак, повеќе од 100 луѓе се уште живеат во пошироката област околу нуклеарната централа, и покрај наредбите да ја напуштат областа.

На изненадување на многумина кои очекуваа областа да биде мртва зона, не само што таму се уште има див свет како мечки, бизони, волци, диви коњи и десетици видови птици, туку нивниот број е драстично зголемен во споредба со претходно. Според научниците, животните биле многу поотпорни на зрачење отколку што се очекувало и можеле брзо да се прилагодат на силното зрачење.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи