Битиќи: Сменет претставникот на Владата во „Еурокомпозит“, дадени насоки за продажба или реструктуирање


На последната владина седница е сменет претставникот на Владата во акционерското собрание на акционерското друштво во државна сопственост „Еурокомпозит“ и се дадени насоки дека ќе треба да се почнат постапки за  процес на реструктуирање, односно подготовка за евентуална продажба или репрограмирање и реструктуирање, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На новинарско прашање какво решение и помош ќе се понуди за вработените во државниот загубар кои 1,5 година не зеле плата и немаат придонеси Битиќи рече дека со Министерството за економија работат активно и оти најверојатно за два месеца ќе има исход за конечно решевање на проблемот.

„Секој наш граѓанин е важен без разлика дали е млад или стар, без разлика  дали е во приватен или јавен сектор. „Еурокомпозит“ е компанија во државна соспственост и оперира по Законот за трговски друштва. За жал, таму состојбите не се добри подолг временски период, од 2017 година таму се влезе со план за реструктуирање  и се намали бројот на вработени од  над 100 на 48. Тие 48  се даде можност за нивно рестартирање, но за жал менаџментот не успеа тоа да го направи“, рече Битиќи.

„На последната владина седница, донесовме одлука и го сменивме претставникот на Владата во акционерското собрание и дадовме насоки дека ќе треба да се почнат постапките за  процес на реструктуирање, односно подготовка за евентуална продажба или репрограмирање и реструктуирање на  целото претпријатие затоа што сметаме дека само така е соодветно и одржливо решавање на проблемот на оваа компанија.

Тие во изминатиот период веќе беа вклучени во неколку пакети, но не може да се одговори секогаш соодветно на нивните барањата како што тоа го замислуваат тие затоа што менаџментот го има доведено претпријатието во навистина незавидна состојба. Но, работиме активно заедно со Министерството за економија најверојатно во наредните два месеца ќе имаме исход за конечно решавање на овој проблем“, додаде Битиќи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи