По 13-ти пат во Прилеп се одржа Велигденската хуманитарна акција во организација на неформалната хуманитарна организација „Св.Никодим Прилепски – Тисмански“, која функционира при храмот „Св.Благовештение“. Во изминативе 2 недели во сите храмови во Прилеп беа поставени кутии за донации каде граѓаните можеа да донираат средства, а исто така можеа да донираат и храна.
Со собраните пари се купија прехрамбени производи и средства за лична хигиена кои денес ќе бидат поделени на 130 социјално загрозени семејства во Прилеп и неколку населени места. Вакви хуманирни акции во црквата „Свето Благовештение“ се организираат за Божик и Велигден.
„За Божик имавме 130 пакети, исто и за Велигден испланиравме 130 пакети, имавме доволно донации, се собраа доволно парични средства, со дел од останатите парични средства планираме да помогнеме, пример еве сега имавме неколку запалени куќи тука во близина на црквата, дел од средствата ги чуваме и за болни, на оние на кои им требаат за операции, за лекување и слично“, вели Драган Џокоски, раководител на хуманитарната организација „Св.Никодим Прилепски и Тисмански“.
Во акцијата донирале граѓаните, но и дел од бизнис секторот во Прилеп. Освен пари дел од компаниите донирале и прехрамбени производи. Од хуманитарната организација „Св.Никодим Прилепски – Тисмански“ велат дека е многу важно да се помагаат оние на кои помошта им е најпотребна.
„Тој кажа дека Него не можеме да му дадеме, ниту храна, ниту пијалок, ниту каква и да е друга милостина. Туку тоа ќе го направиме со тие кои се најбедни и на оние на кои најмногу им е потребно тоа. И ако на еден од нив им го направиме тоа им дадеме храна, им дадеме пиење, тогаш Ние го исполнуваме законот Христов. И така ги поднесуваме тешкотиите еден со друг. Оној кој дава милостина на сиромавиот, тој му дава заем на Господ“, вели Емилијан Зелнички, хуманитарна организација „Св.Никодим Прилепски и Тисмански“.
Секоја ваква акција откако ќе се соберат пакетите завршува со молитва пред мироточивата икона на Свети Никодим Прилепски и Тисмански, која стои на средината од црквата, а чие име пак го носи оваа хуманитарна организација.