Законот за учебници гарантира еднаков пристап до материјалите за учење и ниту еден ученик нема да биде исклучен од наставата, вели Министерството за образование и наука кое регираше по прес-конференцијата на групата родители кои почнаа да собираат потписи и се заканија со бојкот на наставата во знак на револт од најавената дигитализација на учебниците.
Од МОН велат дека бојкотот на наставата е неоправдан и ќе биде директна штета по однос на воспитно – образовниот процес на младите.
„Како надлежна институција за креирање на политиките во областа на образованието и науката и најотповикана за промените кои треба да се случат, Министерството за образование и наука веќе се произнесе дека неоправдано е да се бојкотира за нешто што ќе донесе подобар квалитет на образованието и голем број придобивки кои младите од другите поразвиени земји веќе ги чувствуваат, затоа што процесот на дигитализација на глобално ниво е веќе одамна почнат. Новото законско решение, односно новиот концепт за употреба на материјали за учење во основното и средното образование е најавен заедно со целокупната реформа на националниот образовен систем во делот на основното и средното образование, која пак, е дел од програмата за работа на Владата и од Стратегијата за образование 2018-2025 и за истата се водеше сеопфатна двомесечна дебата“, се вели во соопштението на МОН.
Исто така, од МОН велат дека во јавноста беше презентирана и анализата на јавното мислење на наставниците и учениците спроведена од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанстинк“, според која, како што посочуваат, 75% од учесниците сметаат дека учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирање.
Од МОН уверуваат дека со новото законско решение кое предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали, ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата.
„Учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, додека за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за употреба на истите ќе му бидат овозможени секому. Односно законски е обезбеден пристап до учебниците кои ученикот треба да ги користи. Па така, за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За прв пат, се обезбедуваат и учебници во аудио формат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо. Апелираме до граѓаните кои се дел од оваа иницијатива, да не ги вовлекуваат учениците во нешто што ќе им наштети на училиште и ќе им создаде празнини во знаењето. Тоа не вистинската вредност и цел за која треба да се бориме. Вистинската цел е создавање на млади и современи генерации кои ќе бидат добро едуцирани и подготвени за светот кој ги очекува по 10-20 години, а во кој дигитализацијата ќе биде застапена во сите сегменти и сфери“, велат од МОН.