Денеска во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“- Прилеп, започна распределбата на десктоп компјутери, лаптопи и таблети за основните училишта во општина Прилеп. Во насока на овозможување подобри услови за наставниците и учениците за следење на настава од далечина, Општина Прилеп спроведе јавна набавка во вредност од 16.714.812 денари.
Градоначалникот Илија Јованоски рече дека пандемијата на ковид-19 наложи промена на начинот на изведување на дел од наставата, која наместо со физичко присуство, мораше да се изведува онлајн. После одржаните средби со директорите на прилепските училишта, беа утврдени реалните потреби за набавка на ИТ опрема, како за наставниците, така и за учениците после што Општина Прилеп спроведе јавна набавка.
„Направивме заедничка јавна набавка за сите училишта, при што набавивме 600 таблет компјутери за децата од социјално ранливите категории, 240 статични и 168 лаптоп компјутери. Набавената опрема е на задоволство како на наставниците, така и на учениците на кои ќе им биде овозможено преку таблет компјутерите непречено да ја следат наставата од далечина. Заедничката јавна набавка е направена од две причини: сите училишта да имаат исти компјутери заради нивно поедноставно сервисирање и второ, затоа што секогаш кога се купува поголема количина, сумата на издвоени средства за јавната набавка е пониска.
Со јавната набавка, којашто ја спроведе Општина Прилеп, за ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ обезбедени се 25 персонални компјутери, опремени со сета неопходна опрема за успешна реализација на онлајн наставата, како и 80 таблет компјутери за нашите ученици, истакна директорката на училиштето, Кети Стевананџија.
„Би сакала да изразам благодарност до градоначалникот Јованоски и до Општина Прилеп, затоа што ни излегоа пресрет и ги обезбедија овие, за нас потребни компјутери. Благодарност и до нашите наставници, затоа што соочени со пандемијата на коронавирусот, на еден нов начин мораше да ја реализираме воспитно-образовната работа и бевме успешни во нејзината реализација. Сега, со новата компјутерска опрема и со добра интернет конекција, наставниците ќе бидат во многу подобра положба да ја работат својата професија“, изјави директорката на ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, Кети Стевананџија.
Во однос на одвивањето на наставата, директорката Стевананџија соопшти дека од вкупно 877 ученици во училиштето, 253 се од прво до четврто одделение и ја следат наставата со физичко присуство, а останатите по електронски пат.
„Набавката на оваа нова технологија, која многу ќе ни помогне за успешно одвивање на наставата од далечина, е благодарение на локалната самоуправа. Иако и досега успешно се справуваме со онлајн наставата, новите компјутери ќе ни помогнат за уште подобри резултати во работата“, изјави директорката на ООУ „Кочо Рацин“, Зора Чадамова.
Според Чадамова, од вкупно 800 ученици во „Кочо Рацин“, 260 следат настава со физичко присуство, а останатите онлајн.
Десктоп компјутерите се со монитор, камера и слушалки со микрофон, а сите набавени компјутери се со лиценциран оперативен систем Windows 10 Professional.