На денешната собраниска седница обраќање имаше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески кој кажа дека е огромен скандал што меѓу уапсените за скандалот со запленетата дрога од страна на ДЕА е возачот на братучедот на премиерот Трајче Заев и уапсениот командир на полициската станица во Прилеп Кире Спиркоски кој бил поставен од страна на власта. Ристески потенцираше дека одговорноста на Спасовски е тројна поради фактот што човек од негова доверба и командир на полициска станица е уапсен од ДЕА , потоа дека Спиркоски е назначен без соодветно образование и дека Спасовски за скандалот дознал од вести.
„Господине премиер пред 20 денови при акција на американската агенција за борба против дрога ДЕА во близина на Прилеп беше запленета 200 килограми дрога во вредност од 800 000 евра. Уапсени меѓу другите беа возачот на вашиот братучед Трајче Заев и ни повеќе ни помалку командирот на полициската страница во Прилеп Кире Спиркоски викан Чипсио ударна игла на СДСМ во Прилеп близок соработник и човек од доверба на министерот Спасовски но и на градоначалникот Илија Јованоски на пратеникот Миле Талевски и на екс министерот за транспорт и врски сега директор на царина Горан Сугаревски. Одговорноста на министерот за внатрешни работи тука е тројна. Под прво поставил за негов најблизок соработник командир на полициска станица човек кој наместо да ги апси криминалците да не заштитува нас и нашите деца и го спроведува законот мирот и редот, самиот е вклучен во трговија со дрога. Второ и покрај сугерирањето при постанувањето на Спиркоски на командир на полициска станица во Прилеп на опозициските советници тогаш тројцата овие Спасовски, Јовановски и Талески го назначија без соодветно образование апсолутно незаконски за командир на полициска станица Кире Спиркоски. И трето на министерот за внатрешни работи му притвораат командир на полициска станица за трговија со дрога а министерот ова го дозна од вести што е недозволиво. Ние како советници во општина Прилеп тогаш прашувавме што толку го прави важен Спиркоски за без соодветно образование на глава на нос како што знае да каже народот да биде назначен за командир на полициска станица. Одговорот ни го даде ДЕА пред некој ден. Кире Спиркоски Чипсио бил важна алка во ланецот за трговија со дрога. За дрога произведена во фабриките чија сопственост ја поврзуваат со членови на вашата фамилија и ваши блиски господине Заев“, кажа Ристески.
Ристески кажа дека во секоја европска држава за ваков скандал министерот поднесува одговорност уште истиот ден но дека тоа во нашата држава не е случај и упати прашање до премиерот Заев дали поради фактот што членови на фамилијата Заеви се поврзуваат со фирмата од каде потекнува запленетата дрога Спасовски е сеуште министер.
„Прашувам господине Заев во секоја нормална европска земја министерот за ваков скандал ќе понесеше одговорност уште истиот ден кај нас не е така. Дали само поради тоа што членови од вашата фамилија се поврзуваат со фирмата Медикал 420 од Битола од каде потекнува запленетата дрога Оливер Спасовски е се уште министер“, додаде Ристески.