Предлог за продолжено породилно отсуство од 12 месеци на јавна дебата во јуни


Деталите за предлогот за породилното отсуство се уште не се разработени, така што јавната дебата за тоа би била некаде во јуни, најави денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

„Заедно со социјалните партнери се работи во МТСП на новиот системски закон за работни односи и едно поглавје е за породилното отсуство. Деталите не се изработени до крај, но новината е што се предвидува период на мајчинство, кој ќе го користи мајката, родителство кое би го користеле двајцата родители и татковство кое ќе биде кратко, во траење од 10 дена“,открива Шахпаска.

На прашањето дали Фондот за здравствено осигурување би можел да го издржи тој товар уште 3 месеци да исплаќа за породилно отсуство (од 9 месеци, на 12 месеци), Шахпаска рече дека тие средства се предвидени од буџетот и ќе се префрлаат во Фондот.

Министерството за труд нема анализа колку дополнителни средства од буџетот ќе бидат потребни за да може да се исплати највеното продолжено породилно отсуство за плус три месеци. Според министерката Шахпаска, Фондот за здравствено ќе може да го поднесе товарот бидејќи парите кои што ги добива се од државната каса.

„Финансиските импликации произлегуваат од средства кои што се предвидени во буџетот. Минстерството за труд и социјална политика овие средства ги трансферира до Фондот за здравствено осигурување, значи тоа се средства од централниот буџет, ја правиме финансиската импликација работната група работи“, вели Шахпаска.

Работодавачите апелираат внимателно да се размислува на продожување на отсуството поради недостиг на работна сила.

„Можеме да кажеме баш ни е гајле колку ќе се зголеми, може дупло да ги зголемите месеците на породилно отсуство затоа што друг плаќа, но во суштина не е така затоа што имаме многу редуциран пазар на труд, нема работници, но треба да размислиме и на кариерата на тие мајки кои ќе се вратат од работа“, рече Ангел Димитров- Организација на работодавачи.

Драфт верзија за можно продолжување на породилното отсуство се очекува да се објави во јуни по што ќе следи јавна дебата. Најавено е да се зголеми породилното на 12 месеци од кои пет месеци се предвидени како задолжително отсуство на мајката, а остатокот ќе може да се комбинира со таткото.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи