Дали театарот повторно ќе заживее, зошто истиот не се одвојува од Центарот за култура, објектот и понатаму се распаѓа, кога Прилеп ќе добие нов


Наш гости во ова издание на Инфо Регион е прилепскиот актер Игор Трпчески со кого поразговаравме околу театарот, како тој функционираше за време на пандемијата и како ќе се одвиваат работите понатаму со оваа уметност.

Пандемијата погоди голем број сфери од нашето општествено живеење, но една од најпогодените беше културата. Поради забраната од групирања беа откажани сите претстави во изминатиов период. Пред неколку денови се одржа првата премиера на една претстава после подолг период во Прилеп,  а тоа е претставата „Мендо и Мајло“, дуо драма, каде режисер е токму Трпчески, а играат Пепио и Ашата или Трајче Иваноски Андон Јованоски. Претставата се реализираше во продукција Tеатарска работилница Прилеп.

Трпчески вели дека пандемијата скоро и да го уништи театарот. Со оваа претстава театарот започна полека да се враќа. Актерите за цело време на пробите и претставата ги почитувале зададените протоколи, а протоколите се почитуваа и во однос на бројот на публика.

Според Трпчески изминатиов период бил премногу тежок за актерите, најмногу поради тоа што не можеле да продуцираат претстави и се чувствувале на еден начин како некорисни членови на општеството, кои земаат плата без да работат.

Во тек биле подготовките на претставата „Светулки“ од Тена Штивичиќ, хрватска авторка која живее и работи во Лондон, а во режија на Драгана Милошески Попова. Премиерата се очекувала кон крајот на јуни.

Со Трпчески поразговаравме и околу тоа дека театарот „Војдан Чернодрински“ од 2004 година никаде не фигурира како самостојна институција и е составен дел на Центарот за култура „Марко Цепенков“. И покрај многубројните апели и барања од актерите, театарот повторно да стане самостоен правен субјект, државата останува глува.

Условите во сегашниот објект каде работи прилепскиот театар и понатаму се катастрофални, во дел од него и понатаму кога врне течи вода внатре во просториите, а засега никој ниту најавува негово реновирање.

Трпчески вели дека сепак освен условите најголем проблем било тоа што порано имало по 7 премиери годишно, со околу 150 изведби на истите, а сега се одвојувале средства само за 3 премиери годишно, за кои се правеле по 60-тина изведби. За Трпчески најважен е односот на театарот кон публиката, но и обратно на публиката кон театарот, односно критиката за изведените претстави што сега се поретко ја имало.

Во буџетот на Центарот за култура во Прилеп годинава се одделиле 100.000 евра за подготвување на планската документација за почеток на изградба на нов театар. Сите се надеваат дека конечно ќе започне реализацијата на истиот кој се најавува со години.

За сите овие, но и многу други теми, поврзани со театарската уметност кај нас и за тоа кога ќе се одржи фестивалот „Војдан Чернодрински“ погледнете го интервјуто.


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи