На вчерашната седница, Владата ги укина решенијата за одобрување за одгледување на канабис за медицински цели на двете фирми – Пхарма ЕУ ЛЛЦ, едната во Прилеп и другата во Битола.
Во соопштението не се откриваат детали за одземањето на лиценците.
Одлуката е донесена еден месец по големата полициска акција во која беa запленети 200 килограми марихуана, во вредност од над 800 илјади евра, а беа уапсени шестмина меѓу кои и командирот на полициската станица во Прилеп. Се тврдеше дека сите се вклучени во нелегални дејства и соработка со фирми за производство на медицински канабис од Прилеп и Битола. Во акцијата беа уапсени и управителите на овие фирми.
„Владата на предлог на Министерството за здравство ги разгледа и усвои Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп, како и Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на коноп за медицински цели на Друштво за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола.
Притоа, беа донесени Одлуки за престанување на важењето на одлуката за давање согласност на Решенијата за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ, Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп и Друштвото за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола“, стои во соопштението на Владата.