Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со бизнис секторот во Прилеп на која се разговарало за тоа кои се најголемите барања и потреби на прилепското стопанство. Според Мицкоски, клучните барања на бизнисмените биле во делот на урбанизмот и патната инфраструктура.
„Во делот на урбанизмот, во делот на инфраструктурата, тоа е она кое што е клучно, бил тука пред некој ден ресорниот министер, повторно истите ветувања како пред 5 години, но за жал ние моравме да им ја кажеме вистината дека од овогодинешниот буџет од Министерството за финансии, но и во оној консолидиран во кој што е буџетот на јавното претпријатие за државни патишта, не постојат средства за некакво вложување во инфраструктурата во делот на Пелагонија. Тоа го зборувавме и во Битола, тоа и го зборуваме тука во Прилеп. За жал морам да кажам дека тие луѓе не ја говорат вистината, односно ги мамат луѓето од бизнис заедницата. Тоа беа генералните забелешки, инфраструктурата и делот на урбанизмот, за да се ослободи и да се почне конечно да се инвестира. Добивме еден податок, пратеничката Ана Лашкоска ќе го каже, мислам дека 17 одобренија за градба беа доделени во 2020 и 4 легализации, додека за време на ВМРО-ДПМНЕ и по неколку стотици одобренија за градба беа доделени. За тоа можат да посведочат луѓето и од бизнис заедницата, но и прилепчани, дали е тоа доволно и дали тоа одговара на потребите на Прилеп и на прилепчани“, кажа Мицкоски.