Во саботата на дебата во Тетово на тема „Република Илирида-фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“, Неџат Беџети, претставен како претседател на Движењето Илирида, изјавува дека треба да се промени позицијата и статусот на Албанците во Македонија.
Оваа дебата всушност беше најава за формирање на нова политичка партија која планира да учествува на изборите, а по победата да формираат парламент на Илирида, извести од настанот ТВ Клан.
На дебатата во Тетово главниот мотив беше да се реафирмира желбата на Албанците изразена на референдумот во 1992 година за политичко-територијална автономија на Албанците.
„Триесет години сме сведоци на жртвувањата за да владееме заедно со другите народи во Македонија, но ова заедничко владеење не ги даде саканите резултати. Крајно време е за промени. За да постигнеме регистрација како политичка партија и да учествуваме во изборите и изборната кампања, ќе го поднесеме барањето за федерализација на државата и ако ги освоиме гласовите на граѓаните, по автоматизам ќе го формираме парламентот на Илирида, која ќе функционира како втора Република во рамки на Македонија”, рече Беџети.
Меѓу учесниците на дебатата беа и Невзат Халили и Милаим Фејзиу, иницијатори на референдумот од 1992 година.