СЗО: Македонија да обезбеди подобри услуги за пушачите да ги остават цигарите


Во согласност со темата „Заложба за откажување од пушење”, овогодинешната кампања на СЗО по повод 31 мај, Светски ден без тутун става акцент на тоа колку е важно на пушачите да им се обезбедат алатките и ресурсите што им се потребни за да се обидат да се откажат од пушење и да успеат во таквиот свој обид, соопшти канцеларијата на СЗО во Скопје.

„Откажувањето од тутунот не е лесно, особено со дополнителниот социјален и економски стрес што го предизвика пандемијата. Сепак, откажувањето од пушење е поважно од било кога затоа што најновите докази покажуваат дека луѓето кои пушат се под поголем ризик од заболување од тешка форма на ковид-19 и смрт од истата“, вели д-р Елена Ќосевска, специјалист по социјална медицина и јавно здравје во Институтот за јавно здравје.

Тутунот е значаен фактор на ризик за заболување од незаразни болести како што се кардиоваскуларните, малигните и респираторните заболувања и дијабетесот.

Придобивките од откажувањето од пушење се речиси моментални. Така, пулсот паѓа по само 20 минути од откажувањето. Во рок од 12 часа, нивото на јаглерод моноксид во крвта се намалува до нормална вредност. Во рок од две до 12 недели се подобрува циркулацијата и се зголемува функцијата на белите дробови. Во рок од еден до девет месеци се намалуваат проблемите со кашлање и отежнато дишење. Во рок од пет до 15 години ризикот од мозочен удар се намалува на вредност карактеристична за непушач. Во рок од 10 години стапката на смртност од рак на белите дробови е околу половина од таа кај пушачите. Во рок од 15 години ризикот од срцево заболување е ист како и кај непушачите.

„Пандемијата на ковид-19 доведе до тоа голем број корисници на тутунски производи да искажат подготвеност да се откажат од пушење, но не сите имаат пристап до алатки кои може да им помогнат во таквата намера. Ова е причината зошто СЗО апелира до владите да се погрижат нивните граѓани да имаат пристап до сеопфатни услуги за откажување од пушење од типот на кратки совети, бесплатни телефонски линии за поддршка, мобилни и дигитални услуги за престанување со пушење, заменски терапии за никотинот и други алатки кои се покажале како успешни. Зајакнувањето на политиките и услугите за откажување од пушење може да го подобри здравјето, да спаси животи и да заштеди пари“, изјави д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи