Култот кон Константин и Елена почнал да се шири во IV век, а во црковните песни царот Константин, кој уште се вика и Константин Велики се споредува со светиот апостол Павле. Останал забележан како втемелувач на христијанството и основач на Цариград (Константинопол).
Нивниот заеднички празник се празнува на 3 јуни според новиот, (односно на 21 мај според стариот) календар и во некои краишта се смета за тежок празник. Во Гевгелиско се сметал за тежок празник (аталија) и никој не работел. Се одело на панаѓур во с. Мрзенци. Во Радовиш одвечер оделе во с. Конче, таму во црквата ноќевале и оставале ветени дарови: крпи, кошули, чорапи, или стока: јагниња, телиња и др. Сето тоа се правело за здравје.
М. Цепенков забележал дека во Прилеп Свети Константин и Елена биле покровители на базриѓанскиот (трговскиот) еснаф. Нивниот празник кој го викале „Свети цареи“ го празнувале на 21 мај (стар стил).
Под манастирот „Свети Наум Охридски – Чудотворец“, до самото езеро, има извор со лековита вода. Според верувањето оваа вода секогаш е лековита но најмногу на празникот Св. Константин и Елена. Според едно предание свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот Свети Константин и Елена под карпата каде што течела вода и да ја измие девојката. Така направил и таа веднаш оздравела, ѝ пораснала убава и густа коса. „Од тогаш на празникот на свети Елена и Костадин редовно идат луѓе да се мијат со водата од изворчето под карпите на манастирот „Свети Наум“. Таа вода е лекојта и друг пат, ама на празникот најмногу“, заклучува народниот раскажувач.
Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена, за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера.
Во првите три века христијанството било жестоко прогонувано, но сепак, бројот на неговите приврзаници постојано се зголемувал. Во четвртиот век за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан прогоните биле најжестоки. Биле уривани христијанските храмови, биле палени христијанските книги, а христијаните биле подложувани на најжестоки измачувања. Дури за време на Констанциј Флор, таткото на Константин односот кон христијаните омекнал.
Константин е најстариот син на царот Констанциј Флор, и царицата Елена. Констанциј имал и други деца од друга жена, а со Елена го имал само Константина. Константин е роден во Ниш на 27 февруари 274 година, каде што татко му како висок римски службеник тогаш бил на служба. Кога татко му умрел, во Англија, во 306 година како император на Западната римска империја Константин го заменил на императорскиот престол.
Мајка му Елена, многу добра и побожна жена, го советувала да не ги напаѓа христијаните туку да ги заштитува зашто тие се добри луѓе. За време на школувањето во царскиот двор Константин со болка на душата гледал како царските војници ги мачат и убиваат христијаните. Кога станал император тој раководел со мудрост и разбирање за сите поданици на империјата. Тогаш и христијаните почувствувале поголема слобода за своите верски чувства. Но тоа се чувствувало само во еден дел од империјата. Другите делови и натаму страдале, особено тоа било случај во делот на Италија што бил под власта на тиранинот Максенциј. Не можејќи повеќе да ги трпат неговите насилства во 312 година народот го повикал Константина да ги ослободи од тиранијата на овој владетел.
Пред битката против Максенциј, истата година, исплашениот Константин размислувал на кој бог да му се моли. Еден ден околу пладне, на небото видел нишан ‒ светол крст и напис: „Со овој знак ќе победиш“. Тоа го виделе и неговите војници. Потоа следната ноќ на царот Константин и во сонот му се јавил Спасителот со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи непријателот. Утрото им го раскажал сонот на своите пријатели и веднаш повикал златари за да го направат крстот онака како што тој им го опишал. А неговиот опис бил следниов: На копје покриено со злато имало пречник што со копјето правел крст. На врвот од копјето имало венец од злато и бесценети камења, а на венецот првите две букви од Христос: Хр. Овие две букви подоцна царот ги носел на шлемот. На пречникот висела тенка пурпурна ткаенина навезена со злато и покриена со бесценети камења. На копјето под самиот крст, а на горниот дел од ткаенината биле насликани во разни бои ликовите на царот и неговите деца.
Со овој знак Константин влегол во борба против Максцениј, кој со силна војска бил утврден во близината на Рим и лесно го победил. Бегајќи со многу војници Максцениј се удавил во реката Тибар на 28 октомври 312 година. Царот Константин влегол во Рим, радосно пречекан од населението затоа што го ослободил градот од тиранинот. Веднаш потоа донесол закон, познат под името Милански едикт во 313 година, со кој го забранил прогонувањето на христијаните, им дозволил да градат храмови и во нив да се молат. Тогаш, голем број христијани со лични средства изградиле цркви во кои се молеле.
Царот Константин среде Рим подигнал споменик на овој знак со што означил дека тој е чувар на Римската империја. Подоцна изградил и статуа со својот лик со крст во десната рака и со напис на латински јазик: „Со овој спасоносен знак што е сведоштво на вистинската храброст го ослободив нашиот град од јаремот на тиранското владеење, на сенатот и на римскиот народ им ја вратив слободата и поранешниот украс и сјај.“ Но тогаш тешко се разболел, а лекарите и жреците му советувале да се избања во крв од заклани деца, што тој го одбил. Тогаш на сон му се јавиле светите апостоли Петар и Павле, кои го советувале да го побара епископот Силвестер кој ќе го излекува од страшната болест.
Царот ги повикал христијаните и ги прашал дали имаат богови што се викаат Петар и Павле. Тие му одговориле дека имаат само еден бог Исус Христос, а дека Петар и Павле се светци што нему му служат и дека маченички загинале токму тука во Рим. Царот го побарал епископот Силвестер, а овој откако го запознал со верата христијанска, го крстил по што и болеста исчезнала. Така царот Константин бил првиот римски цар што бил крстен. Според друго предание царот Константин е крстен во Никомидија непосредно пред смртта, иако христијанската вера ја исповедувал од многу порано. За време на својот живот царот Константин изградил повеќе цркви, а тоа го направила и мајка му Елена.
Уште два пати царот Константин имал чудни визии со чесниот крст и двата пати извојувал значајни победи, една против Скитите на Дунав и една против Византијците. Кога победил и во битката со Византијците изградил град на Босфор, кој по неговото име е наречен Константинопол, Нов Рим или Цариград.
Кога настанале потреси во црквата поради дејствувањето на еретикот Ариј, царот Константин го свикал во Никеја Првиот вселенски собор, во 325 година на кој било осудено учењето на Ариј и победиле вистинските принципи на православието.
Мајка му Елена е заслужна за пронаоѓањето на светиот крст на кој бил распнат Исус Христос. Првите три века по Христа не се знаело каде се наоѓа крстот Христов. Се претпоставувало дека е закопан во близината на неговиот гроб, бидејќи според тогашните еврејски обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. Царицата Елена наредила да се копа околу гробот Христов но таму нашле три крста бидејќи во близината биле и гробовите на двајцата разбојници што биле распнати во исто време. Тогаш се појавил проблем, не можеле да дознаат кој од трите е Христовиот крст. Во тоа време минувала погребна поворка и царицата Елена наредила мртовецот да се стави на трите крстови. И се случило чудо, на еден од нив мртовецот оживел. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос.
Кога за тоа разбрале жителите на Ерусалим потрчале да го видат крстот. Но од големата турканица што се создала не можеле да го видат, поради што владиката ерусалимски Макарие, неколку пати го кревал и спуштал крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел „Господи помилуј.“ Потоа царицата изградила голема црква на местото каде што бил распнат Исус и каде што подоцна во 326 година го пронашле крстот на кој бил распнат.
Царицата Елена умрела на 18 август 327 година во 80-тата година од животот. Според некои сведоштва умрела во Палестина, а по две години моштите биле пренесени во Цариград и биле погребани во црквата на Светите Апостоли. Аџијата Антоније видел во 1200 година дека телата на Константин и на Елена лежеле во еден гроб. За чудата што ги правеле моштите на Елена многу се раскажувало на запад особено во Франција. Според други Елена умрела во 326 година, нејзиното тело било погребано во Виа Лавакана во Рим, а подоцна било пренесено во Цариград.
Константин десет години ја надживеал својата мајка. Умрел во градот Никодимија на 22 мај 337 година, по 32 години царување, кога имал 65 години. Според личната желба неговото тело било погребано во специјално за таа пригода изграден гроб во црквата „Свети Апостоли“ во Цариград.