Бројот на новозаболени од Ковид-19 во Македонија се намалува, активни се 451 случај, а вакцинацијата, според надлежните, се одвива непречено во сите пунктови.
Со последните бројки од Министерството за здравство, 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Согласно Националниот план за имунизација се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата „vakcinacija.mk”, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата, и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски” во Скопје, и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Според податоците што ги објави вчера МЗ за претходното деноноќие, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 125 и има околу 500 празни болнички кревети во ковид центрите. Во ковид центрите во Скопје немало хоспитализирани нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а 48 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Во ковид центрите во болниците низ земјава, пак, е пријавено дека се лекуваат вкупно 77 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
Поради намалениот број болни, болниците затворија дел од одделите наменети за ковид пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 821.365 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155 469. Бројката на оздравени пациенти е 149 551, а починаа 5 467 лица.