Заврши необичната учебна година, надеж за враќање во клупа од септември


За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден во учебната 2020/2021 година.

Ова беше прва учебна година која се изведуваше под посебни услови заради пандемијата, односно се одвиваше онлајн. Учебната година почна еден месец подоцна, на први октомври поради потребата антиковид-протоколите за реализација на различни начини на настава да бидат законски усвоени во Собранието, а бројот на наставни денови беше намален од 180 на 159.

Во двете полугодија образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – мнозинството ученици следеа настава на далечина, главно преку платформата Мајкрософот тимс, а на часови со физичко присуство беа најмалите до трето одделение и од повисоки одделенија во помали училишта – подрачни и во рурални средини. Ученици без ИТ-уреди имаа можност за настава на Македонската радио-телевизија и добиваа печатени материјали.

МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за здравство, ќе утврдува како ќе се реализира наставата во 2021/2022, што ќе зависи од состојбата со коронавирусот во земјава.

За учениците кои завршуваат основно образование, од понеделник (14 јуни) започнуваат уписите во средните училишта во кои, според објавениот Конкурс, слободни се 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта.

Матурантите утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија или естетика. Првиот, задолжителен испит по мајчин јазик (македонски/албански/турски јазик и литература) го полагаа во саботата, на петти јуни.

Десетти јуни е најсреќниот ден за сите ученици, но денеска, како и минатиот 10 јуни, таа радост не се забележува во училишниот двор туку виртуелно.

Останува надежта дека здравствената ситуација од септември ќе дозволи учениците да започнат една нормална учебна година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи