Човек платил 28 милиони долари за место во ракетата со која милијардерот Џеф Безос ќе лета во вселената. Идентитетот на лицето кое ја платило сумата за патување не е соопштено.
Почетната цена на билетот за место во ракетата „Њу Шепард“, односно во капсулата, изнесувала 4,8 милиони долари, но на крајот за достигна 28 милиони долари. Наддавањето завршило за само седум минути по почетокот на аукцијата, која се одржа преку телефонска врска.
Лансирањето е закажано за 20 јули и тоа ќе биде првата мисија на „Блу Ориџин“ во која луѓе ќе патуваат туристички во вселената. Капсулата е дизајнирана да носи 6 патници до работ на вселената, а за време на десетминутното патување, патниците ќе доживеат микрогравитација во период од три минути.
Основачот на „Блу Ориџин“ и директор на „Амазон“, Џеф Безос, кој е најбогатиот човек во светот се натпреварува со милијардерите Ричард Бренсон и Илон Маск, за тоа кој прв ќе отпатува во вселената.
„Спејс Екс“ на Илон Маск веќе има успешни летови во вселената, но засега само владини космонаути имаат учествувано во мисија, односно пат до Меѓународната вселенска станица.