Македонија сѐ уште нема национален план за прилагодување кон новите услови на живеење кои ги предизвикува климатската криза. Ваков план би требало да обезбеди една институција, која ќе биде одговорна за координација на активностите за прилагодување кон климатските промени, наместо растуреност и дисперзија на надлежностите меѓу повеќе институции како што е случајот во моментов.
Овој план ќе мора да обезбеди и силен систем за координирање и комуницирање помеѓу власта и општините, бидејќи целиот товар за обезбедување спроведување ќе падне токму на нив, велат активистите по повод 17 Јуни, Светскиот ден на суша и опустинување.
Тие бараат од централните власти да го забрзаат процесот на планирање на адаптацијата кон климатските промени и во сите активности да се вклучат локалните власти, а целиот процес да биде транспарентен и да овозможи активна вклученост на сите граѓани.
Според Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција, родот е со се помал квалитет, а сведоци сме и на целосно уништени посеви или овоштарници во зависност од тоа каде ќе зафати невремето.
„Но, и покрај ова, над 90 % проценти од земјоделците сметаат дека државата треба да го реши проблемот со климатските промени и не активности за прилагодување кон климатските промени сметајќи дека тоа се премногу скапи процеси, а и нема кој да ги води низ процесот, односно досега немало посебна стратегија за адаптација на земјоделството кон климатските промени, а во последната Национална стратегија за земјоделство и рурален развој првпат се споменуваат одредени мерки и активности за прилагодување на земјоделското производство кон климатските промени“, оценува Јоноски.
Според проекциите за екстремните временски настани изработени во рамките на Четвртиот национален план за климатски промени, земјава во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима, односно се очекува зголемување на топлите екстремни настани и намалување на студените екстремни настани. Очекуваното намалување на летните врнежи и продолжувањето на времетраењето на последователните сушни денови ќе го зголемат ризикот од суша. Со ова, како резултат на потоплите временски услови, должината на вегетацискиот период ќе се зголеми во просек.
„И покрај ова, нашата држава се уште нема национален план за прилагодување на земјата кон овие нови услови на живеење предизвикани од климатската криза. Ваков план би требало да обезбеди една институција, која ќе биде одговорна за координација на активностите за прилагодување кон климатските промени, наместо растуреност и дисперзија на надлежностите помеѓу повеќе институции како што е тоа случајот во моментов. Овој план ќе мора да обезбеди и силен систем за координирање и комуницирање помеѓу власта и општините, бидејќи целиот товар за обезбедување спроведување ќе падне токму на нив“, вели Елена Николовска од Еко-свест.