Законска заштита на начелото на еднаквост и недискриминација


Законот за спречување и заштита од дискриминација претставува еден во низата закони кои беа дел од процесот на изготвување на националната верзија на законската регулатива на Европската Унија и нејзиното усогласување во националниот правен систем. Со него се овозможуваат подобри механизми за заштита од дискриминација, а граѓаните добиваат правна заштита и можност за живот во еднакво општество кое ги усвојува современите стандарди во почитувањето на човековите права.

Борбата против дискриминацијата е важно општествено прашање. Сите човечки суштества имаат еднакви права и треба да имаат можност да располагаат со нив. Еднаквоста е начело според кое сите луѓе се рамноправни односно изедначени во уживањето и остварувањето на сите права и слободи. Дискриминацијата отсекогаш се провлекувала во општеството, од минатото, па сѐ до денешните модерни демократски општества. Поради нејзината преточеност во секојдневието, претставува проблем луѓето да ја препознаат. Нееднаквиот третман не само што има поразителни последици кон овие лица туку дополнително ги турка во социјална исклученост и сиромаштија.

Нашата држава не претставува исклучок од оваа лоша општествена практика, претежно насочена кон маргинализираните лица. Имајќи нефункционално законско решение е еднакво на немање законска заштита, а со тоа и немоќност да се избори општеството со нееднаквиот третман. Државата е должна на граѓаните да им ја овозможи оваа заштита, бидејќи сите се еднакви пред законот.

Република Северна Македонија донесе нов Закон за спречување и заштита од дискриминацијаза да се доуреди законската рамка во областа на човековите права. ЗСЗД доби позитивно мислење од страна на  Венецијанската комисија, како и од страна на граѓанските организации кои работат во областа на човековите права. Со него се овозможуваат подобри механизми за заштита од дискриминација, а граѓаните добиваат правна заштита и можност за живот во еднакво општество, кое ги усвојува современите стандарди во почитувањето на човековите права, нешто што недостасуваше во примената на стариот закон.

Граѓанските организации кои секојдневно работат со маргинализираните лица и на кои им претставува неопходна алатка во борбата против дискриминацијата, со ентузијазам го дочекаа изгласувањето на овој закон. Со овој закон подобро се дефинира поимот со кој конкретно добиваме насоки кое сторување или несторување претставува дискриминација. Во поимникот на законот се вметнуваат нови термини, меѓу кои: лице со попреченост, соодветно приспособување и пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите.

Кога станува збор за основите за дискриминација, тие се прошируваат со додавање на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи. Со оваа измена се става акцент на промоцијата на еднаквост. Во однос со облиците и видовите на дискриминацијасе препознаваат следниве: директна и индиректна дискриминација, повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација, вознемирување, виктимизација, сегрегација и потешки облици на дискриминација во која спаѓаат повеќекратна, интерсекциска, повторена и продолжена дискриминација.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација добива  прошрена функција и тоане само да нуди правна заштита кога повредата е настаната, туку и да презема активности за промоција, заштита и превенција за еднаквоста, човековите права и недискриминацијата.

Во однос на судската заштита, лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Товарот на докажување преминува на тужениот, кој ќе треба да докаже дека не постои дискриминација.

Како новина се воведува тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес – actio popularis. Со ова дополнување здруженијата, фондациите или другите организации од граѓанското општество можат да поднесат тужба, ако со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Лицата кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација, се ослободуваат од судски трошоци.

Со  донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, се обезбедија подобри механизми, мерки и активности за правна заштита, а ние треба да го продолжиме патот на европските интеграции преку изградба на ефикасно и демократско општество, еднакво општество за сите.

Здружението СТАНИЦА П.Е.Т. преку својата работа активно се залага за промовирање и почитување на еднаквоста на сите граѓани на РСМ. Во насока на исполнување на овие заложби, од своето формирање е активна членка на Мрежата за заштита од дискриминација, активно учествуваше и лобираше за донесување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација како и редовен поддржувач на сите општествени процеси кои се движат во насока на еднакво општество за сите.

Автор: СТАНИЦА П.Е.Т.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи