Царовска: Во речникот на ВМРО-ДПМНЕ има бојкот, опструкции и казни


Наставниците во прво и четврто одделение се обучуваат за наставата по новите програми од септември и ниту се во бојкот, ниту размислуваат за тоа. За бојкот зборува само ВМРО-ДПМНЕ, партијата што во Собранието го блокира и новиот закон за наставници, со кој ќе добијат повисоки плати и ниту една политичка партија веќе нема да може да ги манипулира, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во денешниот Утрински брифинг на Слободна ТВ.

„Опозицијата треба да се вклучи во процесот на дигитализација и треба да даде поддршка и да каже како тоа да биде подобро. Но, тие единствените зборови што ги знаат во изминативе девет месеци се бојкот и опструкција. Јас не слушнав што е тоа што тие би го направиле. Кога ќе ја отворите нивната програма, ги пишува истите работи, со истата временска рамка, но тие едноставно им мислат лошо на нашата држава и на нашите деца“, нагласи Царовска.

Министерката посочи дека сите процеси во образованието течат според планот, се одвиваат обуките на наставниците. Ако опозицијата, преку своите партиски штабови ги мобилизира родителите да не ги пуштат децата на настава, Царовска нагласи дека наставата ќе продолжи, затоа што образованието е задолжително.

„Единствен збор што се употребува откако сум министерка, во процесот на образование, е поддршка. Образованието значи поддршка. Не казнување. ВМРО ДПМНЕ ги казнуваше 12 години наставниците, со екстерно тестирање, со казни кон родители кои нема да ги почитуваат нивните партиски инструкции, со наставници коишто ги држеа под договори по 3, 6, 12 месеци, па после ги делеа на подобни и неподобни дали да им се трансформира работниот однос. Ние тоа го менуваме. ВМРО ДПМНЕ тој закон во Собрание го блокира – наставниците да имаат повисоки плати, да нема можност ниту една политичка партија да ги манипулира. Тоа на ВМРО ДПМНЕ не му одговара. Затоа тие зборуваат за казни“, објасни Царовска.

За да расте и се развива државата, министерката рече дека во образованието треба да има поддршка, како за наставниците така и за учениците.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи