Во изминатиот период Владата на Република Северна Македонија донесе шест пакети економски мерки за поддршка на стопанството, економијата и граѓаните за полесно справување со кризата која настана поради пандемијата со Ковид-19.
Како последица на кризата со Ковид-19, државите мораа да усвојат национални стратегии, програми и планови за поддршка на економијата, но и на граѓаните кои се најдоа на работ на општествената криза. Токму поради ова, голем број држави од регионот излегоа со конкретни мерки и решенија за справување со последиците од Ковид кризата кои најмногу го погодија стопанството, но не помалку засегнати останаа и другите дејности, а сиромаштијата и недостигот на навремена и ефективна здравствена заштита не ги одминаа најмаргинализираните групи во заедниците, кои беа и тоа како засегнати од кризата. Државите од регионот се посветија на зацврстување, на и тоа како “разнишаната“ економија, па донесоа различни мерки кои имаа за цел избавување од кризата.
Владата на Република Северна Македонија усвои вкупно шест пакети економски мерки, од почетокот на пандемијата, а заклучно со мај 2021 година. Овие пакети беа разнолики и опфатија различни сектори во стопанството, индустријата, но вклучуваа и мерки за граѓаните кои како резултат на пандемијата ги изгубија или беа на чекор да ги изгубат своите работни места. Во однос на висината на средствата, различни истражувања покажуваат дека фискалната поддршка што ја обезбеди Владата за време на пандемијата е една од најмалите во Европа[1].
Економските мерки донесени од март 2020 – мај 2021 година, кои се покажаа како најискористени и општоприфатени, но и дискутабилни се состојат од: 14.500 денари месечно по вработен за април и мај, за компании погодени од кризата или 50% од трошоците за придонеси за секој вработен; помош за спортисти – 14.500 денари за месеците април и мај, директни средства за спортистите и спортските работници; помош за уметниците; паричен надоместок за граѓаните што останале без работа поради кризата, согласно работниот стаж преку АВРСМ; запирање на законот за извршување; одложување на кредитите кај банките; дополнителни бескаматни кредити за фирмите од 8 милиони евра; 50 милиони евра ефтини кредити од Развојната банка на РСМ пласирани преку комерцијалните банки за заштита на ликвидноста на компаниите; забрана за отворање на стечајна постапка; платежни картички за граѓаните за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности; поддршка со плати за туристичките водичи; грантови за ресторани за свадби; грантови за игротеки; поддршка за занаетчии; одложено плаќање на ДДВ-то; намалување на увозни давачки за суровини и репроматеријали; викенд без ДДВ; финасиска помош за ноќни клубови; финансиска поддршка за тутунарите; бришење камати од долгови на граѓаните кон јавни институции и претпријатија; финансиска поддршка за 6.000 угостители со околу 17.000 вработени; бесплатни ПЦР тестови за странските туристи кои престојувале во државата; финансиска поддршка за Роми претприемачи преку креирање „Мечинг фонд за претприемништво за Роми“, мерка за поддршка на домашен туризам „Дома си е дома“, со ваучери од 6.000 денари за граѓаните; финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите[2] и др.
Сите овие активности беа предвидени во шесте пакети економски мерки, но за жал сеуште дел од нив не се целосно имплементирани и покрај немоќта на стопанството и граѓаните да се справат со ефектите од кризата. Дел од мерките имаа и значаен позитивен ефект за граѓаните и компаниите, а посебно индивидуалната поддршка за граѓаните во вид на картички и ваучери за домашен туризам и ослободувањето од ДДВ и ефтините кредити и субвенционирањето на плати за компаниите.
Во однос на намената на економските мерки истите беа насочени кон заживување на македонската економија, преку различна поддршка за граѓаните и компаниите, а поединечно беа опфатени: невработените лица, социјално ранливите категории, млади (средношколци, студенти и млади до 29 години), домаќинства со ниски примања, медицински лица, домашните компании (производствени, прехранбени и други капацитети), извозни компании, услужната дејност, земјоделството и туризмот.
Со оглед на фактот што мерките имаа за цел зацврстување на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните, очекувањата беа големи, а дел од граѓаните и компаниите продолжија да имаат негативен став кон истите и сметаат дека мерките не довеле до решавање на проблемите, само ја зголемиле нееднаквоста и недовербата кон државните институции во однос на начинот на распределба и износот на средствата. Токму поради тоа, граѓанските организации ја презедоа улогата за правилно информирање на граѓаните по однос на мерките, а во голем дел дадоа и поддршка за правилна подготовка на документација за аплицирање на истите за маргинализираните групи на граѓани кои немаат доволно можности и средства да подготват целосна апликација.
Поради сите овие заложби и обиди за избавување од кризата, сепак според експертите потребни се и дополнителни олеснувања како во однос на процесот за аплицирање, но и во однос на правичната распределба и зголемување на висината на средствата за помош на граѓаните и компаниите кои поради ефектите од пандемијата се наоѓаат на работ на егзистенцијата. Така, посебно внимание преку примената на антикризни мерки, потребно е да се посвети на стимулирање на домашната побарувачка која во изминатиов период е на незавидно ниво, а е посебно тешка состојбата за земјоделците и сточарите кои и покрај големите трошоци за производство, приморани се да се откажуваат од приносите и да бараат алтернативни начини за пласман на производите за кои на странските пазари се нудат значајно повисоки средства, а во нашата земја поддршка е мала и незначителна. Исто така, потребно е да се обрне поголемо внимание на условите за добивање на владината поддршка, при што треба да се обезбеди недискриминирачки и еднаков однос кон сите граѓани што би влијаело позитивно во иднина на зголемување на довербата кон институциите. Кога станува збор за работниците, посебно е битно помошта да се исплаќа директно на работниците, со оглед на тоа што во изминатиот период беа откриени различни манипулации и проблеми во исплатата на средствата предвидени од Владата за работниците од страна на сопствениците на компаниите, а кои за жал сеуште не се соодветно санкционирани, повторно на штета на граѓаните.
Сето погоренаведено ја отсликува моменталната реална состојба во Северна Македонија во однос на спроведувањето на антикризните мерки на Владата, нејзините добри и лоши страни, како и ефектите од истите. По однос на ова, може да се заклучи дека граѓаните сеуште не се избавиле од кризата, а Владата и компаниите треба да работат на подобра меѓусебна комуникација и соработка во однос на зголемување на довербата на граѓаните, но и во обезбедување на повисоко ниво на чувство на заштита кај граѓаните кои излезот во вакви ситуации го бараат најчесто во западните земји, вложувајќи труд и сопствени средства во економиите на другите земји, кои нудат посилни механизми на заштита за сите граѓани подеднакво.
[1] „Нееднаквост во време на корона – ефекти од пандемијата на Ковид-19 врз македонската економија“, Фондација за демократија на Вестминистер, Северна Македонија, https://www.wfd.org/wp-content/uploads/2020/09/Efektite-od-Kovid-vrz-MK-ekonomija-MK-2.pdf
[2] Економски мерки на Владата за справување со кризата од Ковид-19, https://vlada.mk/ekonomski-merki-covid19
Автор: Станица П.Е.Т.