Деца во ризик за време на пандемија


Децата се категорија на жртви кои се посебно засегнати од сите промени кои ги носи општеството. Нивната немоќ, чувствителност, социо-економски услови во кои живеат, менталното здравје на родителите се едни од факторите кои придонесуваат едно дете да стане жртва. „Деца во ризик“ се сите оние чии родители се корисници на алкохол или дрога, деца кои се обиделе да извршат самоубиство, деца кои се жртви на физичко, емоционално или сексуално злоставување, деца кои го напуштиле училиштето поради некоја причина која можеби го довела детето да е жртва, деца со развојни проблеми, хронични болести во семејството и сл.

Проблемот не е само во родителите на детето, тука се засегнати и неговите блиски, врсниците, медиумите, институциите преку обезбедување на добар здравствен и образовен систем, неповолната економска ситуација. Недоволно посветено време и внимание на децата од семејството, од родителите и наставниците доведува до нивна запуштеност, нивно насочување на пороци, можност од сообраќајни несреќи, редовно користење на алкохол, стимуланси на зависност, малтретирање од врсниците итн.

Во согласност со неодамнешното истражување на УНИЦЕФ во Македонија во однос на социјалните и економски влијанија на КОВИД-19 врз децата се  проценува дека уште 16.000 деца веројатно живеат под прагот на сиромаштија поради загуба на работните места и приходите на родителите во домаќинството. Се проценува дека релативната стапка на детска сиромаштија ќе се зголеми од 29,3 % на 33,3 %.

Според истиот извештај, домашното насилство се зголемило за време на забраните на движење и полициските часови поради КОВИД-19, а децата се речиси 10 % од жртвите. Исто така, постои застој во пристапот до болничка нега на новороденчињата, децата и мајките, главно поради помалата побарувачка од неургентни услуги поради страв од зараза, а не поради намалена понуда на услуги.

Дополнително, според анализата на влијанијата  од ковид-САРС-19 подготвена од  Мисијата на ОБСЕ во Скопје, многу ученици од посиромашните заедници може да останат без образование. Пандемијата  ќе  создаде  нова  нееднаквост  за  младите  луѓе  во  образованието.  Во  моментов,  82,1  %  од  граѓаните,  кои  имаат  деца  на  училишна  возраст, располагаат со адекватни средства за онлајн настава и 10 % се изјасниле дека не располагаат со средства за овој тип на учење.

За да се подобрат состојбите, исклучително важно е да постои редовно следење на децата се со цел да се избегне повторување на причинителите на ризик. Семејството е многу важен фактор кој може да придонесе до подобрување на целокупната состојба на детето, воспоставувајќи силна врска помеѓу детето и родителите, цврстиот став на родителите во однос на правилно воспитување на своите деца се само дел од начините кои може да се применат за подобрена психосоцијална состојба на детето.

Автор : Сара Мијакоска – Социјален работник во Коалиција на младински организации СЕГА.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи