Бизнис мали хидроцентрали: Анѓушев лани произвел струја за 3,8 милиони евра, Мицкоски за 300.000 евра, но фирмите им се во загуба!

Facebook
Twitter
Email
Print


Во Македонија има 96 мали хидроцентрали. Тие минатата година произвеле 979.254 kwh електрична енергија која ја откупува ЕСМ по гарантирана цена (повластена траифа со цел да се стимулираат обновливи извори на енергија). Овие киловат часови чинеле 16 милиони евра, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика.

Пари кои потоа се покриваат преку сметките за струја што ги плаќаат домаќинствата. Оттука во јавноста се поголем е револтот дека народот ги полни џебовите на поединци, а од друга страна тука се и екологистите кои тврдат дека малите хидроцентрали им нанесуваат голема штета на шумите, на животинскиот и на растителниот свет во подрачјата каде што се градат.

Порталот Пари, во соработка со БизнисМрежа.мк анализираше какви приходи остваруваат сопствениците на малите хидроцентрали. Лиценци за производство на струја од мали хидроцентрали имаат 40 компании, но најмногу во јавноста се проблематизира струјата што ја произведуваат малите хидроцентрали на две јавни личности- бизнисменот Кочо Анѓушев кој беше вицепремиер во владата на Зоран Заев, а кој како една од причините што ја напушти таа позиција, наведе пад на профитот на своите фирми, како и хидроцентралите на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Податоците од Регулаторната комисија покажуваат дека 25-те хидроцентрали на Кочо Анѓушев за произведената струја добиле околу 3,8 милиони евра во вид на повластена тарифа и тоа е всушност нивниот приход за 2020 година. Притоа, дел од хидроцентралите биле во добивка, а дел во загуба, така што на крајот податоците покажуваат дека 24 мали хидроцентрали, а кои се фирми- ќерки на компанијата „Фероинвест“ на чие чело стои Анѓушев, направиле нето-загуба од околу 20.000 евра.

За разлика од овие 24 хидроцентрали кои се управувани од посебни правни субјекти ( „Мали хидроелектрани“, „Хидроосогово“, „МХЕ Тополка“, „МХЕ Горнобелички извори“, „МХЕ Јабланица“, „Албнор“, „Студенчица мали хидроцентрали“, „МХЕ Летнички извори“, „МХЕ „Падилишка“), за една централа – „Слатино“, лиценца има директно „Фероинвест“, и бидејќи оваа компанија има разни дејности, не е можно да се види одделно финансискиот резултат за хидроцентралата. Но, тоа не може значајно да го измени сумирањето на резултатот од вкупното работење на хидроцентралите под капата на Анѓушев.

Интересен е фактот што во 2019 година приходите на хидроцентралите од портфолиото на „Фероинвест“ имале помал приход од лани, односно тогаш нивниот приход бил 3,15 милиони евра, а сепак оствариле добивка од околу 153.000 евра, за ралика од 2020 година кога влегле во загуба.

Христијан Мицкоски, од страна на СДСМ јавно е посочен како сопственик на компанијата „МИНКА енерготек“. Оваа компанија, според податоците на БизнисМрежа.мк, во 2019 година имала приход од повластените тарифи од продадената струја од речиси 300.000 евра  и остварила добивка од 7.000 евра, а во 2020 година приходот и бил речиси 230.000 евра и загубата била 50.000 евра.

Генерално, погледот врз листата на фирми кои управуваат со малите хидроцентрали покажува дека поголем дел од нив имаат намалени добивки, или пак влегле во загуби, но има и такви кои оствариле значително поголема добивка (споредба 2020 година со 2019 година).

Така на врвот на табелата е компанијата „Сол хидропауер ДООЕЛ “ од Скопје која чиј основач е „Соул спа“ од Италија, а кои имаат пет хидроелектрани. Податоците покажаа дека оваа компанија минатата година имала приход од 2 милиони евра, и дека тој е речиси 34 проценти поголем отколку во 2019 година. Неговата добивка е над 600.000 евра (248 проценти поголема отколку во 2019 година) и тоа е најголемата добивка што некоја компанија ја остварила во бизнисот со мали хидроцентрали.

Првата мала хидроцентрала се изгради во 2009 година. Дефиниција за мала хидроцентрала е таа да се со моќност еднаква или помала од 10.000 киловати.

Фактите зборуваат дека производството на електричната енергија во Македонија е во постојан пад. Причините се јасни – јагленот кој се користи за најголемиот енергетски капацитет РЕК Битола е се понеквалитетен и наоѓалиштата се исцрпуваат, а и самата термоцентрала често трпи дефекти и по еден блок не работи. Животниот век на РЕК Битола е до 2040 година, кога според најавите од Владата треба да се исклучи и последниот блок. Во меѓувреме наголемо се зборува за енергетската транзиција, односно за обновливи извори на енергија кои треба да го заменат сегашниот енерегетски гигант РЕК „Битола“.

Компании на кои малите хидроцентрали во 2020 им донесоа големи добивки


Извор: Пари.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи