Граѓаните и фирмите во јуни годинава кон банките должат дури шест милијарди евра, што на годишно ниво е раст од пет проценти. Македонските граѓани во просек должат над 1.500 евра на банките. Задолжувањето расте од месец во месец, а само физичките лица должат повеќе од половина од оваа сума или до крајот на првото полугодие годинава граѓаните имаат долг кон банките за кредити во вкупна вредност од 3,15 милијарди евра. На месечно ниво кредитите на домаќинствата, се зголемени за 1,3 проценти во споредба со претходниот месец, а годишниот раст е дури 8,7 проценти.
Народната банка објави дека најголем раст во јуни имаат потрошувачките и станбените кредити.
Граѓаните им должат на банките за потрошувачки кредити на крајот на јуни 1,7 милијарди евра, додека долгот по основ на кредитни картички е 107 милиони евра.
Забележителен е пад на задолженоста на картички, од месец во месец на годишно ниво пак, од дури 9 проценти.
Во јуни, автомобилските кредити, се намалени на годишно ниво за дури 17,1 процент. Кај негативните салда на тековните сметки, во јуни, е остварен месечен пад од 0,4 процент, а на годишно ниво растат за 3,4 проценти.