Работно време


Работно време е времето во кое работникот работи и ги извршува своите работи и работни задачи согласно закон, колективен договор и договорот за вработување. Законот за работните односи воспоставува правен механизам за ограничување на траењето на нормалното работно време (т. е. полното работно време), како и на прекувремената работа.

Полно работно време

Работното законодавство не го определува реалното траење на полното работно време, туку само највисоката граница со која се ограничува неговото нормално времетраење. Оттука, полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно. Тоа значи дека во Република Северна Македонија ограничувањето на траењето на полното работно време се врши на неделна, а не на дневна основа (8 часа дневно).

Со закон, односно со колективен договор може да се одреди како полно работно време и работното време што е пократко од 40 часа неделно, меѓутоа не и помалку од 36 часа неделно. Во рамките на оваа „лизгава скала“ (од 36 до 40 часа), законодавецот им остава простор на социјалните партнери да го определат бројот на работните часови, кој ќе се смета како полно работно време. Единствен исклучок од ова правило е намалувањето на полното работно време и под најниската граница (од 36 часа), но само во случаи утврдени со закон, со друг пропис во согласност со закон или со колективен договор, и тоа, само за работни места кај кои постојат поголеми опасности од повреди или здравствени нарушувања. Во тој контекст, треба да се земе предвид и правото на работа со скратено работно време што работниците може да го користат во т.н. „посебни случаи“ (инвалидност, односно медицинска рехабилитација во согласност со прописите за социјално осигурување) и во т.н. „посебни услови“ (за работи што се особено тешки, напорни и штетни по здравјето, а чие штетно влијание врз здравјето, односно врз работната способност не може целосно да се отстрани со заштитни мерки). Во двата претходни случаи, скратеното работно време се смета за полно и работникот има право на плаќање за работата и остварување на останатите права од работниот однос како да работи со полно работно време.

Прекувремена работа и дополнително работење во случаи на природна или друга несреќа

Прекувремената работа може да се определи како работа преку полното работно време што ја врши работникот на барање на работодавачот.

Причините, т. е. правните основи за воведувањето прекувремена работа се таксативно наведени во Законот за работните односи, и тие се:

  • исклучителното зголемување на обемот на работата;
  • потребата од продолжување на деловниот или производниот процес;
  • нужноста да се отстрани оштетување на средствата за работа што би предизвикало прекинување на работата;
  • потребата од обезбедување безбедност на луѓето и на имотот, како и безбедноста на прометот;
  • други случаи определени со закон или со колективен договор.

Ограничувањето на траењето на прекувремената работа може да биде на неделна, тримесечна и на годишна основа. Ограничувањето на прекувремената работа во рамките на работната недела изнесува најмногу осум работни часа. За работи што поради специфичниот процес не може да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени, прекувремената работа може да се пресмета и за тримесечен период. Притоа, во рамките на временски период од три месеци, прекувремените работни часови не може во просек да надминуваат повеќе од осум часа неделно. Конечно, прекувремената работа се ограничува и на годишна основа и таа изнесува најмногу 190 часа годишно, со исклучок на одредени дејности (како, на пример, за вработените во Министерството за внатрешни работи).

Работното законодавство пропишува и други одредби наменети за зголемување на транспарентноста во воведувањето на прекувремената работа со крајна цел – заштита на здравјето и безбедноста и заштита на правата на работниците. Во таа насока, работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремена работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот. При секое воведување на прекувремената работа, тој е должен писмено да го извести подрачниот државен инспектор за труд. Дополнително, Законот за работните односи предвидува апсолутна забрана за прекувремена работа на одредени категории работници (на пример: на работнички за време на бременост или до една година по породувањето, на работници што не навршиле 18-годишна возраст и др.) и релативна забрана што овозможува прекувремено работење, само со писмена согласност, на други категории работници (на пример: на работнички со деца од една до тригодишна возраст, на повозрасни работници и др.).

Единствениот начин на компензирање за работниците што работеле прекувремена работа е нивно материјално обесштетување преку зголемена плата (додаток на плата), но не и трансформација на прекувремената работа во слободните денови. Висината на додатокот на плата за прекувремена работа се утврдува со колективните договори.

Во случаите на природна или друга несреќа, работникот е должен да ја врши работата преку полното или договорното пократко работно време на своето работно место или други работи во врска со отстранувањето или спречувањето на последиците. Таквата работа може да трае додека е неопходно да се спасат човечките животи, да се заштити здравјето на луѓето или да се спречи непоправливата материјална штета.

пишува: Здружение Достоинствен Работник

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи