Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска во просториите на МНР заедно ги промовираа базните и мобилните станици за изработка и достава на пасоши на нашите граѓани што живеат и работат во странство.
Досега за издавање пасоши на барање од наши државјани кои живеат во странство мобилни екипи од МНР со опрема заминуваа во амбасадите, ги земаа податоците и вршеа фотографирања, потоа се враќаа во земјава каде во МВР ги обработуваа податоците, ги изработуваа пасошите, па повтопрно од МНР ги носеа обработените документи и ги издаваа на апликантите со што времето за издавање на патните документи беше во просек четири до шест месеци. За оваа цел четири пати во годината тимови на МНР патуваа во ДКП-та.
„Досегашната постапка за издавање на пасоши просечно траеше од четири до пет месеци, а нашата анализа покажува дека во некои случаи постапката се одолговлекуваше и над шест месеци. Покрај времето, тоа претпоставуваше и големи трошоци, како за самите граѓани, така и за министерството. Со поставувањето на базните станици претставниците на нашата дијаспора се стекнуваат со голем бенефити и од аспект на времето потребно за овие активности, финансиските трошоци поврзани со тоа, а истовремено, ќе добијат готов производ, пасош за временски рок од две до три недели”, истакна министерот Османи.
Во оваа прилика, на заедничката промоција, министерот за внатрешни работи, Спасовски нагласи:
„Со цел брзо и ефикасно остварување на правата на граѓаните кои живеат надвор од државата, со поставувањето на фиксните базни станици ќе овозможиме прием на барањата за патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва и нивно процесирање на дневна основа, со проверка на податоците во реално време. И, што е најважно – задоволни граѓани кои ќе имаат подобар пристап до правото да добијат навремено личен документ, кој им е потребен за остварување на правата во државата каде живеат! Ова е уште една потврда дека нашата цел, како министерства, да бидеме сервис на граѓаните, да овозможиме ефикасен и економичен одговор на нивните потреби. Со ова ќе се намалат и гужвите на шалтерите на управните служби за време на летните месеци во нашата држава, бидејќи граѓаните истата услуга ќе ја добиваат во нашите конзулати во државите во кои престојуваат”.
МНР има формирано пет тима, составени од вработени во министерството, кои ќе вршат обука и инсталација на базните и мобилните станици во амбасадите и конзулатите на Македонија кои се мапирани дека се со најбројна популација и со најголеми потреби за овие услуги. Базни станици ќе се инсталираат во Минхен, Бон, Берлин, Брисел, Берн, Виена, Љубљана, Венеција, Лондон, Стокхолм, Њујорк, Чикаго, Торонто и Мелбурн. Инсталирањето на базните и мобилните станици се планира да заврши до крајот на октомври.