Вчера пред прилепчани на плоштадот Методија Андонов Ченто официјално беше промовиран Горан Сугарески како кандидат за градоначалник на СДСМ, за претстојните локални избори.
„Мојата визија е да изградиме стратегија, односно развоен концепт за Прилеп за следните 12 години. Тоа може да се случи со висок консензус помеѓу сите општествени чинители, сите политички партии, медиуми, граѓани и интелектуални капацитети кои ги има нашиот град. Сето тоа со цел да го направиме најдоброто и она што го посакуваат граѓаните на нашата општина“, истакна Сугарески.
Пред присутните освен Сугарески на промоцијата се обратија актерот Андон Јованоски-Ашата, адвокатот Јагода Талеска, потпретседателот на СДСМ, Венко Филипче и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.
„Сум работел со Горан на многу проекти. Кога тој ќе се нафати на некој предизвик, нема нешто што може да го запре. Тоа е нашиот Сугаре. Ќе стави ред во многу работи, во урбанизмот, затоа што знам како работеше во Министерството за транспорт. Ќе стави ред во инфраструктурата. Јас знам колку многу километри патишта направи и почнаа да се прават во негово време. Горан ќе биде градоначалник со кој сите ние ќе се гордееме“, истакна пред присутните Венко Филипче.
Сегашниот градоначалник, Илија Јованоски рече дека за 4 години СДСМ во Прилеп реализирал повеќе проекти од ВМРО-ДПМНЕ за 12 години.
„Во изминатите 4 години јас како градоначалник, заедно со општинскиот Совет, направивме многу за општина Прилеп. Реализиравме огромен број проекти, многу повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за претходните 12 години. Затоа, убеден сум дека и овој пат ќе победиме. Ќе победи СДСМ, ќе победи Горан Сугарески и општина Прилеп ќе продолжи да оди напред“, потенцираше градоначалникот Илија Јованоски.