Изложбата „Прогрес“ од уметникот Методија Јорданоски во петок во Ликовната галерија


На 17 септември 2021, петок од 12.00 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Прогрес“ од уметникот Методија Јорданоски. Ќе бидат изложени 15 дела.

Јорданоски вели дека отсекогаш ја поврзувал уметноста со егзистенцијализмот, со филозофијата, а особено особено внимание му привлекувале минимализмот како уметнички правец, затоа што покажува многу со малку елементи.

„Филозофите од друга страна, кажувале многу со толку малку зборови. Имаме многу да покажеме, а толку малку покажуваме на светот. Во секој минималист се крие една мрзелива личност со големи идеи. Успева да допре до луѓето баш поради тоа заедничко чувство кое го делат. Всушност секогаш поврзаноста на едно дело со набљудувачот е заедничко чувство. Чувство на меланхолија, среќа, вознемиреност. Токму оттука уметноста е субјективна, затоа што авторот е комплексно суштество од збир на сите чувства и емоции кои гледачот ги препознава во себеси. Ги препознава, но не секогаш ги изразува. Сите ние го имаме чувството на мрзеливост, извор од кој доаѓаат изговорите за најголем дел од работите кои сме можеле, а не сме ги направиле, за потенцијалот и идеите кои сме можеле да ги искористиме, а не сме. Како и во животот, и во уметноста прогресот е некогаш поттикнат од уништување и самоуништување. За да биде пеперутката пеперутка, прво мора да е гасеница. Можеби не сме свесни дека понекогаш токму нашата автодеструктивност е само премин кон поголемо ниво на свест, кон нови идеи, кон сосема нов поглед на нештата, на свет кој ни бил пред очи, а сепак невидлив. Во делата се претставени емоционални и егзистенцијални состојби на човек, губење на себеси за повторно пронаоѓање и така во круг, се со цел движење на бесконечниот прогрес“, потенцира уметникот.

Методија Јорданоски, завршил ФЛУ во Скопје. Работи како графички дизајнер. Има учествувано во повеќе групни изложби во државата и надвор. Номиниран е финалист на осмиот Интернационален конкурс за студентски плакат, Скопје – Enabled for Disabled .

Изложбата е поддржана од Министерството за култура.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи