ВИДЕО – Иновација на учениците од СОУ „Орде Чопела“ Прилеп за создавање благопријатни услови за живот на фармите


Користење на сончевата енергија за создавање на благопријатни услови за живот на животните во фармите и зголемување на нивниот принос е иновацијата на СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп кое е едно од 5-те училишта на Македонија чиј проект е поддржан од Фондот за иновации и UPSHIFT. Сончевата енергија преку колектори се складира во посебни батерии, а потоа со микроконтролери се добива саканата температура во просторијата со помош на вентилатори. Идејата била на ученикот Димитар Тасески, кој сега го завршил училиштето.

„Климатските услови и тоа како влијаат не само на нас луѓето и промените кои ни се случуваат туку и на животните, во поглед на нивниот принос и нивното здравје. Со цел да се зачува нивното здравје го осмисливме овој проект и за наша среќа и го добивме проектот“, вели Билјана Апостолоска, професор по хемија.

Дел од проектот биле 7 ученици, ветеринарни техничари и од хемиската струка. На натпреварот учествувале 40 училишта, 10 биле одбрани да ги презентираат проектите онлајн, а само 5 биле финансиски поддржани. Ова е единствено училиште во Македонија каде се има инсталирано ваков систем.

„Од сонцето се добива енергија како на пример да работат светилките на фармата, вентилаторите, а исто така сакаме да поставиме и водена завеса, за да кога на животните им е жешко да ја контролираме температурата“, истакна Тамара Глигороска, ученичка во СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп.

Инаку обновливите извори на енергија полека започнуваат да се користат на оние фарми каде нема пристап на електрична енергија.

„И затоа ова тука ни беше предвидено да биде и како едукативно-показен центар за земјоделците, фармерите да може да го аплциираат овој систем на своите фарми и да ги користат овие обновливи извори на енергија“, вели Ѓорѓија Гагалески, професор по стручни предмети во земјоделско ветеринарната струка.

„Веќе се користат на овчарски фарми, слични вакви системи за производство на енергија на фармите, а се надевам дека во идинина тоа ќе биде се почесто затоа што има и фондови кои што може да се искористат за да може овие технологии да ги направиме за земјоделците“, додаде Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Од училиштето се надеваат дека и во иднина ќе имаат можност да аплицираат и до слични фондови кои ќе ги поддржат нивните идеи и оновации.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи