Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат зголемување на бројот на болни деца од почетокот на учебната година. Според овие податоци во рок од 14 дена, заболени се 937 деца на возраст до 19 години, а од нив 80 % се деца кои одат на училиште.
Министерката за образование и наука Mила Царовска денеска изјави дека нема промена во бројот на заболени ученици, односно дека и натаму станува збор за 0,2 % од учениците кои посетуваат настава со физичко присуство. Пред три дена таа соопшти дека околу 240 илјади ученици посетуваат настава со физичко присуство.
Но, податоците на Институтот за јавно здравје пак, говорат за поголема раширеност на коронавирусот меѓу учениците – односно, од 937 деца на возраст до 19 години, 80 % се деца кои одат на училиште, или претворено во бројки – станува збор за околу 750 ученици болни од ковид-19. Ако овие бројки ги претвориме во проценти, излегува дека 0,31 % од учениците се активни на ковид-19.