Општините во Југоисточниот регион се поотворени од општините од Пелагонискиот регион

АГТИС беше една од осумте организации кои заедно со Фондацијата Метаморфозис, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, направи проценка на состојбата на доброто владеење на единиците на локалната самоуправа  во Република Северна Македонија за 2021 година.

Просечната отвореност на општините за 2021 година изнесува ниски 25%, покажува новото истражување кое опфаќа 80 општини и Градот Скопје. Нивните наоди покажуваат дека единиците на локалната самоуправа применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење.

Мерењето на отвореноста на ЕЛС траеше од 1 јуни до 15 јули, 2021  година. Главен извор на податоци беа веб-страниците на општините. Отвореноста ја сочинуваат 4 главни области: свесност, интегритет, пристапност и транспарентност и еден заеднички домен присутен во сите четири принципи – отворените податоци. Индексот содржеше  и две поткатегории – општински совет и јавни претпријатија, со што се овозможува оценување на отвореноста на општината кога станува збор конкретно за работата на советот или јавните претпријатија.

Податоците од мерењето покажаа дека највисока просечна оцена општините имаат за индикаторите во областа  транспарентност, а најниска просечна оцена имаат во областа свесност.

Во однос на планските региони, истражувањето покажа дека најотворени се општините во Југоисточниот регион, на второ место  се општините од Пелагонискиот регион, додека најмалку отворени се општините во Полошкиот регион.

Во областа интегритет највисоко се оценети ЕЛС од Пелагонискиот регион (30%), најдобро  рангирани општинити  од овај регион се Демир Хисар и Могила (57%).

Во областа  пристапност која се однесува на начинот на којшто општината комуницира и ги вклучува граѓаните при одговарање на нивните барања и задоволување на нивните потреби, најдобри резултати покажа општина Битола  (51%).

Околу отворените податоци, Општина Прилеп е една од 12те општини кои за прв пат годинава објавија на своите веб-страници податочни сетови во машински обработлив формат.

Од  АГТИС, партнерската организацијата во истражувањето задолжена за мерењето на општините од Пелагонискиот регион, велат дека во иднина ЕЛС треба да ја зголемат транспарентноста во нивното работење, а особено објавувањето на податоци во однос на одлуките кои ги носат градоначалникот и Советот, стратешките и планските документи, документите за следење и мерење на ефективноста на политиките и податоците во однос на финансиското работење.

Општинските веб-страници треба да бидат функционални, едноставни за пребарување, да содржат подетални информации и податоци корисни за граѓаните.

Целосните резултати од истражувањето ќе бидат објавени на 23.09.2021 на веб страната од Метаморфозис.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи