Критична маса #71: Нови градоначалници, нови ветувања, а стари проблеми

„Нови ветувања за вело иднина доаѓаат, а после тоа плановите за вело иднина пропаѓаат“ е насловот на најновата Критична маса, 71-ва по ред која што ја организира ПрилепНаТочак.

„Најголемите проблеми се сè уште тука. Нелегално паркирање, град заробеник на автомобилите, жртви во сообраќај, жртви од загадување; седечки начин на живот, недостиг од активен транспорт, недостиг од специјалeн простор за јавен превоз, велосипеди и пешаци; недовршени велосипедски патеки; метеж, бучава, хаос, непристапност, неквалитетна средина за живеење“, велат од неформалната група на граѓани кои се залагаат за подобар вело-град.

Бараат 10 точки кои ќе бидат ставени во програмите на сите кандидати за градоначалник на општина Прилеп, кои може да ги погледнете ТУКА.

ГРАД БЕЗ ЖРТВИ ОД СООБРАЌАЈ.

„Безбедни улици за децата, постарите, пешаците, велосипедистите, ранливите. За разлика од трендовите во другите држави во Европа, каде изминатите години драстично паѓа бројот на жртви во сообраќај усвојувајќи Визија за нула жртви од сообраќај, а кај нас изминатите години баш се зголемува. Затоа што додека развиениот свет работи на системска одговорност, тука ние сè уште навиваме за лична одговорност.
Виновниците секако треба да одговараат и повеќе отколку досега, но апелирањето на лична одговорност е застарен пристап кој нема ефект.
Правите улица која личи на автопат, а му кажувате на возачот да биде лично одговорен и да вози, 30, 40, 50 km/h. Отстранувате лежечки полицајци во надеж дека знакот е доволен. Не функционира никаде. Затоа, како локална власт имаме огромна одговорност да создадеме инфраструктура за посакуваното однесување. Ако сакаме безбедно и смирено однесување во сообраќајот, ќе создадеме улици кои тоа ќе го поттикнат, а ќе го оневозможат дивеењето.
Ако сакаме почит во сообраќајот меѓу различните учесници, мора да им укажеме почит пред сè ние како локална самоуправа со издвојување на посебен простор. (за пешаците, велосипедистите, со акцент на децата, постарите, лицата со пречки во движењето).
Ако се почитувани од градските власти и од самиот дизајн на улиците, ќе бидат почитувани и од возачите.
Направете град со НУЛА ЖРТВИ од сообраќај. ВИЗИЈА НУЛА, а не нула визија“, потенцираат од ПрилепНаТочак!
Критична маса се организира во среда (29 септември), кај споменикот на Александар Македонски во 17:30 часот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи