Една од најголемите икони на поранешните југословенски простори без дилеми е Југото. Автомобилот кој се произведуваше во Крагуевац достигна легендарен статус на овие простори и претставуваше идеално превозно средство за голем број генерации.
Македонскиот дизајнер Дејан Христов направи своја сопствена визија за модерна интерпретација на култното Југо во електрична форма.
Христов својата работа ја потпира на оригиналната верзија на Југо, без желба да ја прекине препознатливата стилска фигура, притоа додавајќи неколку детали со кои се оддава почит на оригиналниот модел.
Интересно е и да се напомене дека новото електрично Yugo е претставено на дигитални фотографии во чија позадина се наоѓаат спомен обележја од поранешна Југославија, па така тука се наоѓаат и некои легендарни градби од Скопје, Крагуевац, Илирска Бистрица, Крушево, Марибор, Никшиќ, Белград…
Како што јавуваат српските медиуми, Дејан Христов планира за својот проект да ја информира српската влада и во неговата реализација би можеле да учествуваат Римац автомобили или Стелантис групација, која е сопственик на фабриката во Крагуевац.