Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија.
„Нека ни е честит 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
Во нашиот заеднички дом, Република Македонија, деценија и половина со гордост се празнува овој значаен ден како симбол на богатата историја и култура, обичаи и фолклор на припадниците на бошњачкиот етникум. Токму со своите специфики и светоглед, Бошњаците заземаат особено место во сите општествени текови во нашата татковина, но и во целиот балкански регион, збогатувајќи го бесценетиот мозаик од различни култури и традиции.
Благодарение на вашиот и на придонесот на сите останати етнички заедници, Република Македонија може да се пофали дека е пример за функционално мултиетничко општество. Нека нашиот соживот, заедништвото и почитта бидат влог во градењето на стабилна, просперитетна и економски развиена држава. Сплотени да ги надминеме сите здравствени, економски и политички закани кои се надвиснуваат врз нашата татковина и врз нас како индивидуи. Да ги премостиме сите пречки и да ги надминеме сите искушенија, стремејќи се кон подобра и посветла иднина.
Дозволете, уште еднаш, да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците и да ви посакам добро здравје, радост, среќа и бериќет“, вели Пендаровски.
На меѓународниот ден на Бошњаците , Пендаровски се сретна со Шефик Џаферович, член на Претседателството на Босна и Херцеговина.
„Констатиравме дека Македонија и Босна и Херцеговина како две пријателски земји кои немаат отворени прашања, треба да ја прошират соработката и на економски план“, напиша Пендаровски на неговиот официјален Фејсбук профил.