Со ИПАРД 3 Програмата чија временска рамка е од 2021 – 2027 година, во македонското земјоделство ќе влезат инвестици од 250 милиони евра. Програмата е проектирана на 97 милиони евра иако не е исклучена можноста средствата да се зголемат, а првиот повик се очекува да биде објавен во периодот јуни – јули 2022 година.
Како што беше речено на денешната деветта сесија на тема „Предизвици во програмирањето и реализацијата на програмата ИПАРД III (2021 – 2027)” што ја одржува Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој чиј домаќин е Националната конвенција за ЕУ во земјава, Програмата предвидува осум мерки од кои четири се веќе акредитирани, една е претходно програмирана, но не и акредитирана и три се целосно нови. Во најава е и уште една, деветта мерка.
Предвидени се три нови агроеколошки мерки: за органско производство, за локални акциски групи (ЛАГ-ови) и за советодавни услуги во земјоделството. Последната мерка што се најавува е од областа на шумарството, а ќе се вметне за три години од сега.
Програмата има и неколку новини од кои дел се веќе усвоени, а за дел течат преговорите. Една од подобрите според надлежните и производителите, е авансното финансирање од 50 отсто од повратот на инвестицијата за која се аплицира. Тоа, низ пример, значи дека ако се конкурира со проект вреден 100.000 евра за мерка каде повратот на инвестицијата е 60 отсто, апликантот, преку авансното финансирање, со склучување на ИПАРД договорот ќе добие до 50 отсто од средствата или 30.000 евра.
Новина е и тоа што како корисник на ИПАРД средствата ќе може да се јави т.н. здружено-правно лице за колективни инвестиции во примарно производство или преработувачка индустрија. Тоа може да се задруги, организација или група производители, правно лице формирано од повеќе индивидуални производители регистрирани во МЗШВ, како и правно лице формирано од здружение или асоцијација.
Со новата ИПАРД 3 Програма, се планира да се зголеми и прагот на мнинимална инвестиција што досега беше на многу ниско ниво.
„Конечната верзија на ИПРАД 3 Програмата треба да биде доставена во Брисел на 15 ноември 2021-ва и да се усвои од Европската комисија во половината на декември или пред крајот на годинава. Имплементацијата ќе почне кон средината на 2022 година, со првите јавни повици, а последните исплати може да се реализираат заклучно со 31 декември 2030 година. Вредноста на ИПАРД 3 е 97 милиони евра. Нашите очекувања се дека оваа проекција нема да оди надоле, туку е можно да се зголеми. Во Програмата се вметнати сите досега акредитирани мерки, за инвестиции во примарно производство, преработувачка индустирја, диверзификација и развој на бизниси во рурали средини и техничка помош (организации на настани, обуки)“, рече Живко Брајковски од Телото за управување со ИПАРД, презентирајќи ја драфт верзијата на ИПАРД 3 Програмата.
Дали првиот повик ќе бидео бјавен во јуни – јули 2022, зависи од Брисел.
„Овојпат доцни Брисел. Регулативата за имплемтација на ИПАРД 3 е донесена пред девет дена, на 20 септември годинава, но покрај неа, за потребите на реализација на Програмата треба да се усвојат уште регулативи и спогодби – документи за правен основ. Ако Програмата се усвои во декември, се надевам дека ќе успееме за акредитираните мерки да објавиме прв повик во јуни – јули 2022“, истакна Брајковски.
Во однос на ИАПРД 2, беше речено на сесијата, искористени ќе бидат сите расположливи средства.
„Вкупниот буџет на ИПАРД 2 тежи 60 милиони евра и релативно сме блиску до негово целосно исцрпување. Интересот за европските пари е голем и досега не е изгубено ниту евро. Моментно се одобруваат апликациите од последниот јавен повик што се затвори на 6 септември, проектиран на 13,5 милиони евра. Стигнати се 250 апликации со кои се бараат вкупно 32 милиона евра“, информираа од Платежната агенција.