Влажниот бран кој ја зафати Македонија од синоќа и ќе трае неколку денови ќе придонесе за подобрување на неповолната хидролошка ситуација во Охридскиот регион, особено кога станува збор за нискиот водостој на Охридското Езеро, кој речиси цела година беше под природниот минимум.
Последните мерења од УХМР покажуваат дека вчера нивото на езерото беше на котата 693,13 метри надморска височина, што е за 15 сантиметри под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и само три сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Што се однесува на температурата на езерската вода, таа вчера изнесуваше 18 степени Целзиусови што е некаде на ниво на просекот за овој период од година или еден степен повисоко од просекот за октомври.