Зошто Зоран Заев вчера вечер и утрово зборуваше за 11 Октомври? Тоа е само затоа што на 17 октомври имаме избори и сака да заборавите на се она што претходно го правеше. Кога нема избори, тој тргува со светите работи на овој народ, меѓу кои е и нашето антифашистичко наследство. Истакна на вешерашниот митинг во Прилеп, Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој кога не се избори самиот си кажува дека Бугарите овде за Втората светска војна не биле фашисти, туку биле администратори. Денеска од Прилеп, од градот од каде што се дигна македонската борба против бугарскиот фашистички окупатор порачуваме, доаѓа крајот на продавањето на македонските национални интереси. Овој народ има желба за промени, овој народ е горд народ и достоинството никој не може да му го земе. Ќе го бришел од плочите народноослободителната борба против бугарскиот фашистички окупатор, ќе ја бриши историјата каде нашиот идентитет е зацртан. Почнува со едно и на крај остануваме без се, така работи Заев, ветува едно, а во реалноста го прави спротивното. Ви дојде крајот, Македонија нема да се предаде пред вашите приказни, нема да ги спроведат поделбите, Македонија ќе победи на овие избори затоа што на народот му е доста од разочарувања и време е за нова иднина, иднина што сите заедно ќе ја градиме.
Прекипено му е на народот од оваа власт и овие локални избори се можност со вашата одлука и избор позади параванот да започнете да ги менувате работите. Одлучено е, а народот е решен дека сака промени на оваа корумпирана власт која не исполни ништо од тоа што вети. И затоа она што им преостана на власта е преку ситни итроманства, пакости и кочење да гледа да го намали поразот. Затоа драги пријатели најдобриот начин да се спротивставиме на сето ова е да има масовна излезеност и знаете дека доколку тоа се случи, тогаш власта е немоќна. Тие не можат да купат толку гласови, колку што народот може да излезе и да им ја запечати судбината позади параванот“, истакна Мицкоски.
Мицкоски рече дека во Македонија нема влезено ниту една инвестиција, а царува рекетот и криминалот.
„Низ Европа велат дека станал еден од најбогатите функционери на Балканот и пошироко, а Македонија е на самиот врв по несреќа и сиромаштија. 4 години ги чекаме Фејсбук и Гугл да ја преминат границата и да инвестираат во Македонија, окапаа на Табановце. На ред не можат да дојдат од инвестиции. Ни инвестиции на Заев, ни бутур, нема инвестиции, последни сме во Европа и регионот затоа што на власта тоа не и одговара. Им одговара драги пријатели ова мочуриште за да направат редистрибуција на капиталот што може да се изрекетира, што може да се украде. Морам да ги прокоментирам вчерашните видеа на кои се гледа како со тракторска приколка се носат книги во депонија за палење. Секаде во светот книгите се купуваат бидејќи се вредност, само кај нас Заев и Царовска ги палат и знаењето кај нас со Заев завршува на депонија. Па тоа ни на Луј 14 не би му текнало. Прилеп е синоним за рекет од лице кое важи за блиско на Сугарески, а кое е невработено и има возен парк од 400.000 евра и утре пак нека врти по телефони да се заканува, еве тука сум, ме гледа, да знае кој ќе му пресуди“, додаде Мицкоски.