80 години 11 октомври, еден од најсветлите датуми и триумф на стремежот за создавање сопствена држава


Македонската држава го празнува 11 Oктомври како почеток на востанието на македонскиот народ против поделбата на Македонија и фашизмот, како важен крстопат за самобитноста на Македонците и нивниот стремеж за создавање сопствена држава.

Во текот на Втората светска војна, македонскиот народ, предводен од македонските партизани, поведе оружена борба против германските, бугарските и италијанските окупатори, кои ја поделија Македонија, и со својот жесток отпор даде придонес во победата над нацистичка Германија и нејзините фашистички сојузници.

Всушност, 11 Oктомври водеше кон Првото заседание на АСНОМ, кое симболично се одржа на 2 август 1944 година, со што вистински се акцентираше континуитетот на македонската борба за сопствена држава и формалноправно дојде до државно конституирање на Македонците.

Осумдесет години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава се одбележува денеска во земјава.

Прилеп, градот првоборец, денеска го чествува државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание.

Организираното востание против окупаторот за ослободување на земјата почнало со нападот на борците од Првиот прилепски партизански одред врз бугарскиот полициски участок и врз телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп на 11 октомври 1941 година, а се огласиле и партизаните од Кумановскиот одред.

Македонскиот народ самостојно се изборил за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнале борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прераснала во добро организирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг, како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија биле интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеле врз цивилното население, земјата претрпела и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Во чест на антифашистичката борба и во спомен на оние кои ги дадоа своите животи во Прилеп и Куманово се изградени споменици кои ги чуваат од заборав нашите херои.

Могила на непобедените во Прилеп

Спомен Костурница во Куманово

Честит празник!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи