Изминатите години интензивно работевме да се зајакне системот на трансплантација на органи, кој е многу комплексен процес, во кој парципиентите – лекарите се врвни експерти, што на некој начин ја прави круната во медицината, и во секој здравствените системи вклучително и нашиот, изјави министерот за здравство Венко Филипче на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството, кој оваа година е посветен на семејствата на донаторите.
„Европскиот ден на органодонорството им го посветуваме на сите семејства кои донираа органи од своите блиски, како и на донаторите на коскена срцевина. Ја подигаме свесноста за значењето на донирањето на органи и ткива, како и донирањето на коскена срцевина како начин на лекување и спасување човечки животи. Со шест трансплантирани срца, 17 трансплантирани бубрези, 4 трансплантации на коскени ткива и 35 трансплантации на коскена срцевина од несроден дарител, нашата држава направи сериозен исчекор во трансплантацијата.
Во 2019 година направивме измени во Програмата за трансплантација. Се ажурираа листите на пациенти на коишто им беа потребни органи, срце бубрези и црн дроб како и коскени ткива. Паралелно на сето тоа направивме зајакнување на електорнскиот систем, ажурирање на електронските листи и за првпат воведовме електронски регистар кој што по систем на приоритизација врз основа на соодветни критериуми дава приоритет на пациентите кои што треба да ги добијат органите.
Во екот на кризата со ковид во мај минатата година испишавме историја во македонската кардиохирургија и ја направиме првата трансплантација на срце во нашата земја.
На крај од 2018 година на Клиниката за хематологија беше направена првата несродна трансплантација на матични клетки. Со тоа лекувањето на тешки малигни заболувања на крвта почна да се врши по еднакви процедури, како во кој било светски или европски современ центар.
Со ова нашата држава преку Националниот регистар, доби континуиран и непречен пристап до светката асоцијација на регистри на доброволни дарители на коскена срцевина“, порача Филипче преку Фејсбук.