Политичката стихија ништо не ѝ може на народнојазичната, рече професорот Димитар Пандев на денешната средба на генерации во чест на 75 години од основањето на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
На 16 декември 1946 се одржало првото предавање на македонски јазик на високообразовна институција. Предавањето било на македонски, но и за македонскиот јазик.
Раководителката на Катедрата, проф. д-р Искра Пановска-Димкова, рече дека Конески и неговите современици – професори од Катедрата кои придонеле во развојот на јазикот, ги обврзуваат и натаму да ја развиваат наставно-научната дејност за идните генерации македонисти и им се поттик, како што рече, за уште посмела афирмација на македонскиот јазик на внатрешен, но и на меѓународен план.
Во изминатите седум и пол децении на Катедрата дипломирале над 2.000 студенти, а најголем дел од нив се наставници по македонски јазик и книжевност во основните и средните училишта.