Катедрата за општа и компаративна книжевност одбележува 40 години постоење

Facebook
Twitter
Email
Print


Со дводневна онлајн меѓународна научна конференција „Предизвиците на компаративната книжевност во 21 век“, Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје одбележува 40 години постоење.

На конференцијата денеска и утре ќе бидат претставени 40 реферати посветени на развојот на македонската книжевна компаративна наука, на клучните актуелни предизвици на оваа книжевно-научна дисциплина, како и на творештвото на Блаже Конески низ компаративни визури што е во рамки на националното чествување еден век од неговото раѓање.

Катедрата за општа и компаративна книжевност е основана во учебната 1980/1981, на иницијатива на нејзиниот прв раководител, академик Милан Ѓурчинов, уште во март 1977 година. Покрај Ѓурчинов, темелите на овие студии ги поставиле и професорката Вера Јанева-Стојановиќ и академик Влада Урошевиќ – со чие излагање на тема „Поезија и политика“ почна работниот дел на конференцијата.

Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Анета Дучевска рече дека Катедрата за општа и компаративна книжевност е посебна од повеќе причини, оформена многу подоцна од другите катедри, иако зачетоците ѝ се уште во предвоениот Скопски универзитет.

„Најмногу таму се негува мулти- и интердисциплинарност. Работи во еден нетипичен факултетски простор и секогаш се грижи да ја следи големата слика отколку да парцијализира и да ја испушти суштината. Студентите од оваа катедра се редовни добитници на наградниот есеј од Факултетот, редовни учесници на студентските конференции и се редовно ангажирани во општествениот и во факултетскиот живот по разни прашања. Сето ова ја прави оваа катедра прилично атрактивна, но и воздржано елитна – помалку во квантитет, а повеќе во квалитет во сите сфери на нивното делување“, рече Дучевска.

Јубилејот на Катедрата го честиташе и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  Никола Јанкуловски. Во обраќањето тој рече дека дипломираните на оваа катедра остваруваат незаменлив придонес не само во сферата на науката за литературата, образованието, книжевната критика, есеистика и уметничка продукција, туку и во издаваштвото, новинарството, културниот менаџмент и воопшто во културата.

Во изминатите четири децении на оваа Катедра дипломирале професори, книжевни, филмски и театарски критичари, уредници во издавачки куќи, новинари, како и познати имиња на современата македонска литература. Сите четворица македонски добитници на Европската награда за литература студирале на Катедрата за општа и компаративна книжевност.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи