Најголемата корпоративна полиса издадена во земјава покрива максимална штета до износ од 1,26 милијарди евра. Кај каско осигурувањето возила максимална осигурена сума за покривање штети е 41 милиони евра и договорот за осигурување го има претпријатие за јавен превоз на патници. Полисата со највисока осигурена сума за исплата на штети за приватно здравствено осигурување покрива до 2,3 милиони евра со која се осигурани речиси 800 вработени лица
Најголемиот износ што може да биде исплатен за штети на осигуран имот на физичко лице изнесува 198 милиони денари (3,2 милиони евра). Станува збор за куќа – недвижен имот сопственост на физичко лице. Осигурителните компании имаат над 128.000 активни договори со физички лица за осигурување недвижен имот, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за првата половина годинава.
Во корпоративниот сектор најголемо покритие за штети врз имотот има голема компанија од електроенергетскиот сектор. Максималното покритие, по овој договор за осигурување, што може да го наплати компанијата изнесува 77,65 милијарди денари (1,26 милијарди евра). Корпоративниот сектор има над 32.000 активни договори за осигурување имот на 30 јуни годинава.
Во класата осигурување од незгода максималната осигурена сума по активен договор за осигурување која може да биде исплатена изнесува 4,26 милијарди денари (69,3 мил.евра). Станува збор за полиса за колективно осигурување на повеќе од 8.500 вработени лица. Во оваа осигурителна класа на крај на јуни има 628.000 активни договори за осигурување.
Во класата на приватното здравствено осигурување максималната осигурена сума по активен договор за осигурување изнесува 142,9 милиони денари (2,3 мил.евра). Станува збор за колективно осигурување од тешки болести на речиси 800 вработени лица во јавна здравствена установа. Во оваа класа на осигурување на крај на јуни има над 12.000 активни договори со кои е обезбедено приватно здравствено осигурување за повеќе од 38.000 лица.
Најголемото покритие за каско осигурување на моторни возила покрива износ до 2,5 милијарди денари (41 мил.евра). Полисата ја има претпријатие за јавен превоз. Во оваа класа на крај на јуни имало 50.000 активни договори за каско осигурување моторни возила.
Највредната полиса за карго покрива штети до износ од 3,4 милијарди денари (5,6 мил.евра) со што се осигурени сите пратки кои ќе се реализираат во периодот за кој важи договорот за осигурување.
Кај законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (ЗАО) најголемата полиса со максимална осигурена сума (пропишана со закон) покрива штети до 93,4 милиони денари (1,5 мил.евра). Оваа полиса ја има компанија која превезува експлозивни материјали и се осигурува од материјална и нематеријална штета. Во оваа осигурителна класа на 30 јуни има над 611.000 активни договори за осигурување.