ВИДЕО – ВМРО-ДПМНЕ прогласи голема победа во Прилеп уште во првиот круг


ВМРО-ДПМНЕ прогласи голема победа во Прилеп уште во првиот круг. Според оваа партија, од досега обработените 70% од податоците кандидатот за градоначалник, д-р Борче Јовчески освоил повеќе од 17.000 гласа, додека Сугакандидатот за градоначалник на СДСМ имал околу 11.000 гласа.

„Согласно со она што нашиот аналитички центар го има сработени, а тоа се обработени околу 70% од податоците од избирачките места, кандидатот за градоначалник и следниот градоначалник на Прилеп, д-р Борче Јовчески освои повеќе од 17.000 гласа, додека нашиот најголем ривал политички има околу 11.000 гласа. Со тоа можам слободно да констатирам дека може да прогласиме победа во првиот круг и дека од утре Прилеп има нов градоначалник и тој се вика д-р Борче Јовчески“, истакна Дејан Проданоски, носител на листа за советници во Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на бројот на советници Проданоски рече дека очекуваат над 14 советници.

„Во овој дел малку доцниме со обработка на податоците, меѓутоа и тука имаме повеќе од сериозна предност, повеќе од 2.500 гласа, што значи и советничката листа има победнички број на советници, односно мнозинство во Советот на Општина Прилеп. Очекуваме повеќе од 14 советници, но да ги почекаме бројките, па потоа да кажеме точно да не калкулираме сега пред време. Да ги видиме прво податоците што ќе ги добиеме, па верувам дека и тука може да прогласиме победа на советничките листи“, додаде Проданоски.

Кандидатот за градоначалник Борче Јовчески им се заблагодари на граѓаните и порача дека ова била одлука за нова иднина.

„Јас прво да му се заблагодарам на сите мои драги прилепчани, драги сограѓани, драги жители на населените места во општина Прилеп, нивниот глас денеска одлучи, одлучи за вистински промени, одлучи за нова иднина не само на градот, туку и на државата. Затоа имам само една порака, дека од утре почнуваме чесно и домаќински да ги реализираме сите оние проекти кои што ги имавме во нашата програма и затоа ветувам дека од збор до збор ќе биде реализирано во овие 4 години. Да живее ВМРО ДПМНЕ, да живее Прилеп, да живее Македонија“, истакна Јовчески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи